Ништо не сме виделе од невремето: Ураганите стануваат ТОЛКУ СИЛНИ што им треба нова категорија
Ураганите стануваат толку моќни поради климатската криза што нивната класификација треба да се прошири и да вклучи бура од „6-та категорија“, со што скалата од стандардните 1 на 5 ќе се подигне на 1 до 6, според една нова студија.
Во текот на изминатата деценија, пет бури би биле класифицирани во оваа нова категорија 6, велат истражувачите, која ќе ги вклучи сите урагани со постојан ветар од 200 милји на час или повеќе.
Ваквите мега-урагани стануваат се поверојатни поради глобалното затоплување, односно поради затоплувањето на океаните и атмосферата, покажуваат студиите.
Мајкл Венер, научник од Националната лабораторија Лоренс Беркли во САД, рече дека „309 километри на час се веројатно побрзи од повеќето Ферари, тешко е да се замисли“.
Тој ја предложи новата Категорија 6 заедно со друг истражувач, Џејмс Косин од Универзитетот во Висконсин-Медисон.
– Да се биде фатен во таков ураган би било лошо. Многу лошо – рече тој.
Новата студија, објавена во Зборникот на Националната академија на науките, предлага проширување на широко користената скала на ураганите Сафир-Симпсон, која беше развиена во раните 1970-ти од Херберт Сафир, градежен инженер и Роберт Симпсон, метеоролог кој служеше како директор на Националниот центар за урагани на САД.
Скалата го класифицира секој ураган со максимални постојани ветрови од 120 километри на час или повеќе во категорија 1, при што скалата се зголемува како што ветровите стануваат побрзи. Категоријата 3 и погоре се смета дека вклучува големи урагани кои ризикуваат сериозна штета на имотот и животот, со најсилната категорија 5, која ги вклучува сите бури со брзина од 150 милји на час или повеќе.
Бурите од 5-та категорија предизвикаа огромни штети во последниве години – како ураганот Катрина што пустошеше во Њу Орлеанс во 2005 година и ураганот Марија во Порторико во 2017 година – но новата студија тврди дека сега има класа на уште поекстремни бури што бара своја категорија.
Тука спаѓаат тајфунот Хаијан, кој уби повеќе од 6.000 луѓе на Филипините во 2013 година и ураганот Патриција, кој достигна неверојатна максимална брзина од 346 километри на час кога се формираше во близина на Мексико во 2015 година.