НЕМА СИГНАЛИ ДЕКА СЕ ПЛАНИРААТ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ Илија Димовски очекува редовни избори во 2028 година
Пораките од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН укажуваат дека следната пролет нема да има предвремени парламентарни избори и дека земјава ќе оди на редовно гласање во 2028 година, оцени поранешниот пратеник и политички аналитичар Илија Димовски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Според него, во изминатите шест месеци се водела дебата за можноста од предвремени избори, но актуелните сигнали од владејачкото мнозинство покажуваат дека такво гласање не се планира пред истекот на мандатот.
– Треба да констатираме дека очигледни се пораките и од ВЛЕН и од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да има предвремени избори следната пролет и дека државата првпат по подолго време ќе оди на редовни избори во 2028 година – истакна Димовски.
Тој смета дека ваквата ситуација отвора простор опозицијата да се реорганизира и да понуди посериозна политичка алтернатива. Сепак, според него, останува да се види дали СДСМ ќе успее да го искористи периодот до следните парламентарни избори.
Димовски оцени дека отсуството на силен опозициски притисок може да ѝ одговара на власта, но не е добро за демократскиот развој на државата. Според него, и покрај тоа што не се очекува предвремено изборно соочување, Владата во следниот период треба да покаже поголема ефикасност и да испорача конкретни резултати за граѓаните.
Аналитичарот смета дека албанските партии од опозицијата и од владејачката коалиција имаат релативно изедначена поддршка кај гласачите. Според него, ДУИ би се соочила со предизвик доколку не се остварат најавите за предвремени избори, зашто подолг период ги одржува очекувањата на своите поддржувачи со најави за брзо враќање на избори.
Според неговите очекувања, политичките процеси меѓу албанските партии би можеле да бидат подинамични, додека на македонската политичка сцена предвидува поголема стабилност во следната година до година и пол.
Димовски процени дека, доколку изборите би се одржале во блиска иднина, односот на политичките сили во Собранието не би претрпел значителни промени.
.
Извор: plusinfo.mk