НЕ МОРА ДА ЧЕКААТ ВЕТИНГ, МОЖЕ ДА СЕДНАТ НА ПОЛИГРАФ Порака од Мицкоски до опозицијата
Ќе дојде денот кога ќе се срамат за она што им го прават денеска и на граѓаните и на Македонија, рече кусо македонскиот премиер Христијан Мицкоски како одговор на постојаните напади од опозицијата дека власта го кочи евроинтегративниот процес на Македонија.
Тој вели дека се обидува да не ја коментира опозицијата бидејќи смета оти нејзиното раководство не се занимава со државна политика, туку со личен напад врз него.
– Не сакам да коментирам ваков начин на незрело однесување на лидерството во опозицијата. И ќе го задржам ова право да не го коментирам. Еве, ќе се обидам со една реченица да кажам – ќе дојде денот кога ќе се срамат за она што им го прават денеска и на граѓаните и на Македонија – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детската градинка во Шуто Оризари.
Во врска со најавата од опозицијата дека ќе поднесе предлог закон за ветинг на поранешни и актуелни функционери, Мицкоски истакна дека нема потреба да се чека таков закон и оти и сега има институции и механизми преку кои може да се направат проверки.
– Па нека има предлог-закон, никој не го оспорува тоа. Но и сега може Управата за јавни приходи да направи ветинг, да провери. Имаат и сега алатки да проверат како се стекнува со златни визи во егзотични дестинации како Дубаи, колкав влог треба за да се стекнете со таква виза, како се ужива на скапи јахти на егејското крајбрежје итн. Управата за јавни приходи и сега може да провери и како политичари возат скапи автомобили сопственост на фирми, кои добивале тендери за јаглен, па како средствата се уплаќани на фирми во Бугарија… Дури може и на полиграф да се отиде па таму секој од политичарите да каже колку крадел, како крадел, од оние од опозицијата, се разбира – рече Мицкоски.
.
Извор: plusinfo.mk