НАРОДНА БАНКА ОРГАНИЗИРА ПРЕВОЗ ДО БИТОЛА И НАЗАД Клиентите од Ресен, Прилеп и од Охрид ќе добијат брз пристап до своите средства
Народната банка ги известува граѓаните од Прилеп, Охрид и Ресен, кои имаат платежна сметка во „Алта банка“ АД Битола, а не располагаат со платежна картичка, дека утре (7 ноември), ќе биде организиран превоз од овие градови до филијалата на банката во Битола и назад.
„На овој начин ќе им се овозможи полесно да пристапат до средствата на своите сметки и да подигнат готовина. Враќањето до местото на живеење ќе биде откако сите клиенти на банката ќе си ги подигнат своите средства“, соопшти Народната банка.
НБРСМ го соопшти и распоредот и местата на поаѓање:
Прилеп: плоштад „Методија Антонов-Ченто“ (пред „Реклами“), во 10 часот;
Охрид: градската автобуска станица, во 11 часот;
Ресен: кај маркетот „Кипер“, во 12 часот.
Народната банка потсетува дека од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени и шалтерите во Тетово и Струмица, каде што граѓаните кои немаат платежни картички ќе може да подигнат до 20.000 денари.
Меѓу трите олеснувања за клиентите на „Алта банка“ кои денеска ги спомна гувернерот на Народната банка Трајко Славески освен шалтерите во Тетово и Струмица се и зголемување на лимитите и можноста за целосна исплата на идните исплати на плати, пензии и социјални трансфери коишто доаѓаат од институции кои имаат сметки во други банки.
.
Извор: plusinfo.mk