3.000 СТУДЕНТСКИ СТИПЕНДИИ ПО НОВ МОДЕЛ За одличните студенти по 6.050 денари, за стратешките струки по 18.000
Министерството за образование и наука (МОН) распиша конкурс за 3.000 студентски стипендии за академската 2026/2027 година, со нов начин на распределба на државната поддршка.
Наместо досегашниот модел, стипендиите се поделени во три групи: за студенти од социјално ранливи категории, за студенти со висок академски успех и за оние што студираат в о области од стратешко значење за државата.
Највисоката месечна стипендија изнесува 18.000 денари и е наменета за студентите на стратешките студиски програми. За социјалните стипендии и за стипендиите за висок успех се предвидени по 6.050 денари месечно. Исплатата трае девет месеци во текот на студиската година.
За социјална поддршка се предвидени 1.200 стипендии. Првпат во оваа група се воведуваат по 50 посебни стипендии за студенти со попреченост и за студенти со ретки болести.
Новина се и 1.050 стратешки стипендии за студенти по математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство.
„Целта е да се поттикнат младите да се определуваат за овие области и да се создава стручен кадар што ќе одговори на потребите на општеството и економијата“, соопшти МОН.
Останатите 750 стипендии се наменети за студенти со просечен успех од најмалку 8,50, кои редовно ги исполнуваат академските обврски.
Министерството нагласува дека вкупниот број стипендии останува непроменет, но се менува начинот на нивната распределба.
„Промената не е во намалување на поддршката, туку во нејзино подобро насочување и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите“, наведува МОН.
Пријавувањето е исклучиво електронско, од 6 до 20 ноември 2026 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството.
Во тек се и конкурсите за 15 стипендии за студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик, како и за поврат на средства за купен музички инструмент.
Повеќе информации за овој конкурс се достапни на линкот: https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/stipendii-mon/stipendii-za-studii-po-makedonski-jazik-prv-ciklus
Исто така, во тек е и пријавувањето на Конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната/академската 2026/2027 година.
.
Извор: plusinfo.mk