НАЈДЕНО ТЕЛО ПОКРАЈ ИЗГОРЕН АВТОМОБИЛ, ДРУГО ВО НЕГО Полиција ги уврдува причините за трагедијата кај Богданци
Две безживотни тела се пронајдени во близина на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село кај Богданци. Едното е на 21-годишно момче од Богданци, пронајдено покрај опожарен автомобил, додека второто тело било откриено во внатрешноста на целосно изгореното возило.
Случајот бил пријавен вчера, 3 ноември, во 18:40 часот. Т.К. од Богданци ја известил полицијата дека забележал запален паркиран автомобил, покрај кој имало безживотно тело.
На местото веднаш биле испратени полициски службеници од Полициската станица Гевгелија.
„На местото на настанот било констатирано дека во близина на опожареното возило имало машко лице кое не давало знаци на живот, по што било констатирано дека станува збор за В.Г. (21) од Богданци“, соопштија од МВР.
Екипа на Итната медицинска помош при Општата болница во Гевгелија констатирала смрт кај 21-годишното момче.
По интервенцијата на противпожарната бригада и локализирањето на пожарот, во внатрешноста на автомобилот било забележано уште едно опожарено тело, кое исто така не давало знаци на живот.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чија наредба бил извршен увид на местото на настанот.
Двете тела се предадени на обдукција, со цел да се утврдат причините за смртта, како и идентитетот на лицето пронајдено во автомобилот.
Засега нема информации како избувнал пожарот, дали двете лица биле поврзани и под кои околности настапила нивната смрт.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за утврдување на сите околности и целосно расчистување на случајот.
.
Извор: plusinfo.mk