МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА АУТИЗАМ ВО СКОПЈЕ Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ носи експерти од целиот свет
Од 18 до 20 ноември 2026 година, Скопје ќе биде местото каде светската наука се среќава со реалните животни приказни. Под наслов „Низ призмата“ во хотел „Холидеј Ин“ оваа година по втор пат ќе се одржи меѓународна конференција за аутизам, која на едно место ќе ги обедини најистакнатите домашни и глобални експерти, лекари, терапевти, едукатори, лица со аутизам и родители.
Со цврста верба дека знаењето мора да биде достапно за сите, Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ целосно финансиски го покрива настанот, нудејќи бесплатен влез и симултан превод за сите присутни.
Наместо суви академски предавања, програмата со преку 60 различни сесии нуди вистински решенија. Учесниците ќе можат да слушнат најнови откритија од професори од САД, Холандија, Израел, Италија, Шпанија, Ангија, Швајцарија и од регионот, но и да учествуваат во панел-дискусии за менталното здравје на семејствата, за предизвиците во образованието и за самостојниот живот.
Посебен белег на настанот е консултативното катче „Фокус“, каде родителите ќе можат директно да разговараат со експертите за индивидуални предизвици и практични стратегии при хранењето, комуникацијата и развојот на своите деца.
Поради огромниот интерес и ограничениот капацитет на салите, онлајн регистрацијата е задолжителна. Учесниците можат да ја персонализираат својата програма и да ги добијат своите бесплатни билети преку платформата на tix.mk.
– Да погледнеме низ призмата на науката, разбирањето и инклузивната иднина за секое лице со аутизам! – порачуваат организаторите.
Комплетната агенда погледнете ја следниов линк: https://fvm.com.mk/wp-content/uploads/2026/10/agenda-v2-final_mkd.pdf
Бесплатни билети и регистрација: https://tix.mk/event/438/niz-prizmata-megjunarodna-konferencija-za-autizam?lang=mk
Официјална веб-страница: https://fvm.com.mk
.
Извор: plusinfo.mk