МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА ГИ ПОВИКА ИНСТИТУЦИИТЕ ДА ПОСТАПУВААТ БЕЗ ДВОЈНИ СТАНДАРДИ Државата има обврска да ги заштити жртвите на семејно насилство
Случајот со 26-годишната девојка од Охрид, која беше брутално претепана, како и неодамнешната трагедија со 17-годишната девојка која го загуби животот, се сериозни предупредувања дека насилството врз жените бара бескомпромисен институционален одговор, реагира министерот за правда, д-р Јетон Шасивари.
Тој најостро го осуди секој облик на насилство врз жените, нагласувајќи дека нема оправдување за насилството, нема простор за релативизирање и нема толеранција за обиди за прикривање или влијание врз постапките.
Министерот очекува сите надлежни институции, секоја во рамките на своите законски надлежности, да постапуваат професионално, навремено, неселективно и со целосна одговорност. Полицијата, обвинителството и судовите мора да постапуваат без притисоци, без привилегии и без двојни стандарди. Секое евентуално пропуштање, непостапување или незаконско влијание мора да биде предмет на соодветна проверка и одговорност.
„Државата има законска обврска и правни механизми да ги заштити жртвите и да ги санкционира сторителите. Со новиот Кривичен законик дополнително се зајакнува кривичноправната заштита од семејно и родово базирано насилство. Предвидени се затворски казни за потешките облици на насилство, а за определени кривични дела во контекст на семејно и родово базирано насилство се предвидува гонење по службена должност, без товарот на постапката да се префрла врз жртвата. Но, законите не смеат да останат само напишани одредби. Тие мора доследно да се применуваат. Секоја пријава мора да се сфати сериозно, секој ризик мора навреме да се препознае и секоја жртва мора да добие соодветна заштита. Ниту една жена не смее да живее во страв. Ниту една девојка не смее да се прашува дали државата ќе ја заштити. Ниту еден сторител не смее да смета дека ќе остане недопирлив“, порача Шасивари.
Тој нагласува дека заштитата на жртвите мора да биде приоритет, законот мора да важи еднакво за сите, а одговорноста да биде правило, а не исклучок. „Насилството мора да запре, институциите мора да постапуваат, а одговорност мора да има!“, додава министерот.
.
Извор: plusinfo.mk