ПО ПОВЕЌЕЧАСОВНА ПОТРАГА НАЈДЕН ПЛАНИНАР КОЈ СЕ ИЗГУБИЛ ВО МАРИОВО Паднал и се онесвестил, кога се разбудил побарал помош
По повеќечасовна потрага, денеска (16.11.2026 година), во 10:15 часот, во село Кален, во Мариовскиот регион, е пронајден 62-годишниот планинар кој исчезнал при планинарење во близина на село Лениште, општина Прилеп.
Во акцијата биле вклучени полициски службеници, екипа на ТППЕ Прилеп, РЦУК Прилеп и Дирекцијата за заштита и спасување – Прилеп, со координација на Центарот за управување со кризи.
Вчера во попладневните часови, лицето паднало и ја изгубило свеста. Во 16:47 часот се јавило на телефонскиот број за итни случаи 112, со цел да ја утврди точната локација на која се наоѓа. Притоа посочило дека се наоѓа помеѓу село Лениште и манастирот над селото.
Веднаш по пријавата биле известени надлежните полициски служби, по што полициска екипа излегла на терен и започнала потрага. Во дополнителен телефонски разговор, остварен во 17:10 часот, лицето информирало дека се движи кон селото Лениште, но дека батеријата на мобилниот телефон му е при крај.
И покрај преземените активности, до 18:30 часот лицето сè уште не беше пронајдено, а неговиот мобилен телефон бил исклучен. Потрагата била интензивирана, со вклучување на дополнителни полициски службеници и екипа на ТППЕ Прилеп. Била извршена и проверка на неговата домашна адреса, при што било утврдено дека не се вратил дома.
Во текот на целата акција, Центарот за управување со кризи (ЦУК), континуирано ја координирал потрагата и комуникацијата меѓу надлежните институции и службите вклучени во теренските активности, со цел навремено преземање на потребните мерки и ефикасно спроведување на акцијата.
По повеќечасовната потрага, утрово лицето било пронајдено во село Кален, во Мариовскиот регион. Веднаш по пронаоѓањето, екипа на граничната полиција се упатила на терен со цел безбедно да го преземе и донесе.
.
Извор: plusinfo.mk