МИЦКОСКИ СО „ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ“ РАЗГОВАРАШЕ ЗА МОЖНИ ИНВЕСТИЦИИ Во фокус АИ во медицината, паметни градови и дигиталната безбедност
Премиерот Христијан Мицкоски денеска разговарал со раководството на „Дојче телеком“ за можни инвестиции во дигиталната трансформација на Македонија, вклучително и примена на вештачка интелигенција (АИ) во медицината и во инженерството, развој на паметни градови и современи системи за дигитална безбедност.
Работната средба се одржала со главниот извршен директор на германската компанија, Тимотеус Хетгес, и членката на Управниот одбор задолжена за Европа, Доминик Лерој.
„На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и инвестиции кон дигиталната трансформација и иднина на Македонија“, се наведува во соопштението на Владата.

Меѓу темите биле и новите комуникациски технологии, како и можностите за примена на АИ во различни области.
„Инвестиции во делот на современите техники во медицината и инженерството, развој во делот на комуникацијата, развојот на вештачката интелигенција, современата кибернетска безбедност“, се дел од областите наведени во соопштението.
Разговорите ги опфатиле и плановите и амбициите за развој во делот на паметен град, безбеден град и безбедна држава.
Освен за можната соработка во Македонија, претставниците на Владата и на „Дојче телеком“ разговарале и за технолошките предизвици со кои се соочува Европа.

„Во рамки на разговорите беа разменети и мислењата за европската конкурентност, безбедност и дигиталниот суверенитет како стратешки приоритет за Европа“, се наведува во владиното соопштение.
Како важни области биле посочени и капацитетите во областа на cloud технологиите, вештачката интелигенција, индустриската вештачка интелигенција и сајбер-безбедноста.
Во владината делегација биле вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски.
Владата ја оценува средбата како можност за понатамошно унапредување на соработката со една од водечките европски телекомуникациски компании.
.
Извор: plusinfo.mk