„МАСТЕР ПЛАНОТ“ НА ФИЛИПЧЕ Е ДА Ѝ СЕ УМИЛКУВА НА БУГАРИЈА Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат дека сака да дојде на власт по секоја цена
ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека со ставовите за преговарачката рамка со Европската Унија и за бугарските барања се обидува да ја придобие Бугарија со цел да дојде на власт.
Во партиското соопштение се наведува дека Филипче постојано повторувал оти не постои подобра преговарачка рамка, но, според ВМРО-ДПМНЕ, токму таа рамка ја држи Македонија во застој на европскиот пат.
Од владејачката партија тврдат дека Филипче ги повторува ставовите на Румен Радев и на Петрова Чамова, претставувајќи го бугарското барање како европска позиција, а не како билатерален спор.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштението се осврнува и на критиките на Филипче дека му бил нарушен политичкиот углед, оценувајќи дека за тоа се одговорни самиот тој и СДСМ. Како примери партијата ги наведува состојбите во здравството и концептот на „марихуана-економија“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, најавениот „мастер план“ на Филипче е да дојде на власт по секоја цена, да го прифати барањето на Бугарија за внесување на Бугарите во Уставот и да го доврши процесот што го започна поранешниот премиер Зоран Заев.
Од партијата оценуваат дека таквиот пристап би значел нова отстапка на штета на националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ го критикува Филипче и за неговиот став во врска со моштите на цар Самуил, обвинувајќи го дека молчи за ова прашање и одговорноста ја префрла на историчарите.
.
Извор: plusinfo.mk