
МАЛКУ ИСТОК, МАЛКУ ЗАПАД: Каква е улогата на Тамара Вучиќ, првата дама на Србија во политиката на балансирање помеѓу двете страни?
Тамара Вучиќ, сопругата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е се поприсутна во јавниот живот на Србија, но и на меѓународната дипломатска сцена. Соговорниците на Радио Слободна Европа, поранешниот српски амбасадор Среќко Ѓукиќ и Владимир Меџак, член на Европското движење во Србија, се обидоа да ја откријат нејзината улога во српската политика на балансирање меѓу Истокот и Западот.
Тамара Вучиќ неодамна се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на нејзината трета посета на Киев.
Во јуни таа беше во Париз, кога заедно со првата дама на Франција, Брижит Макрон, го посети водечкиот онколошки центар во Европа.
Во Обединетите нации таа зборуваше за отпадот и одржливиот развој.
Авторот на „Мостот“ на Радио Слободна Европа, Омер Карабег изјави дека претседателот Вучиќ „игра навистина вешта игра“.
„Би се рекло дека во играта на Вучиќ неговата сопруга е на чело на Западот, а (Александар) Вулин за Русија“, рече Карабег.
Среќко Ѓукиќ оценува дека појавувањето на првата дама на настаните во Киев е потврда за политиката на Вучиќ.
„Малку лево, малку десно, малку исток, малку запад, малку север, малку југ. Немаше да имам нерви да ја испратам сопругата на ваков настан, ако со сите сили бев на страната на агресорот. Тоа може да го направи само некој кој има двојно дно и двоен морал“, изјави Ѓукиќ.
Тој додаде дека може да разбере како Украина го прифаќа тоа, бидејќи, како што рече, им е важно „да добијат некој поен во Србија“.
Меџак посочува дека политиката на Вучиќ е што подолго да остане на власт.
Тамара Вучиќ работи во Министерството за надворешни работи, каде ја врши функцијата советник. Таа функција ја извршуваше и пред бракот со претседателот на Србија.
N1
