
Лидерите на ЕУ блиску до договор за одбранбениот план од 800 милијарди евра
Европските лидери кои одржуваат итни разговори во Брисел се очекува да договорат значително зголемување на трошоците за одбрана во обид да обезбедат поддршка за Украина, откако Доналд Трамп ја прекина американската воена помош и размена на разузнавачки информации, пишува Гардијан.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој првично требаше да учествува преку видео врска, сепак пристигна на самитот и изјави: „Многу сме благодарни што не сме сами“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која на лидерите ќе им го претстави планот вреден 800 милијарди евра за зголемување на европските трошоци за одбрана, рече дека ова е „суден момент за Европа“ и за Украина.
Данската премиерка Мете Фредериксен ја истакна главната цел на состанокот: „Троши, троши, троши за одбрана и одвраќање“. Тоа е најважната порака, а во исто време, се разбира, да продолжиме да ја поддржуваме Украина бидејќи сакаме мир во Европа“.
Единството на ЕУ може да биде поткопано од ставот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се закани дека ќе стави вето на текстот на ЕУ за Украина, чија цел е да се спротивстави на напорите на Трамп да постигне мировен договор со Владимир Путин, кој ќе ја заобиколи Европа.
Специјалниот самит на ЕУ беше свикан минатата недела, откако Трамп започна директни дипломатски контакти со рускиот претседател, но пред неговата конфронтирачка средба со Зеленски во Белата куќа и суспензијата на американската воена помош.
Водачите на ЕУ се очекува да го поддржат планот од 800 милијарди евра за „вооружување на Европа“, кој Фон дер Лајен го претстави претходно оваа недела. Според најновите нацрт-заклучоци, видени од Гардијан, „Европа мора да стане посуверена, поодговорна за сопствената одбрана и подобро опремена да дејствува автономно наспроти сегашните и идните предизвици и закани“. ЕУ ќе ја „забрза мобилизацијата на потребните инструменти и финансирањето“ за да ја зајакне безбедноста и „да ја зајакне својата севкупна одбранбена подготвеност [и] да ги намали стратешките зависности“.
Пристигнувајќи на самитот, фон дер Лајен им рече на новинарите: „Европа се соочува со јасна и непосредна опасност, и затоа мора да биде способна да се заштити, да се одбрани, како и да и овозможи на Украина да се заштити и да се бори за траен и праведен мир“.
Планот од 800 милијарди евра вклучува кредитна шема од 150 милијарди евра обезбедена од неискористени средства од буџетот на ЕУ, како и поголема флексибилност во фискалните правила на ЕУ, што би можело да овозможи дополнителни 650 милијарди евра нови трошоци.
Во големата промена на политиката, веројатните идни коалициски партнери на Германија – ЦДУ-ЦСУ и СПД – се согласија да ја променат уставната „сопирачка за долг“ за да овозможат зголемување на трошоците за одбрана, ослободувајќи милијарди евра за производство на оружје. Веројатниот иден канцелар на Германија, Фридрих Мерц, кој од поборник за строга фискална дисциплина стана поддржувач на зголемени воени трошоци, се состана со Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста пред самитот, иако тој сè уште официјално не е на функцијата.