ОПШТИНАТА НЕ Е СПОСОБНА ДА СЕ СПРАВИ СО КРАВИТЕ, ПА БАРА КРИЗНА СОСТОЈБА Комитетот на ВМРО-ДПМНЕ од Крива Паланка поддржува сè што ќе донесе решение
Барањето од градоначалникот Сашко Митовски до Владата да прогласи кризна состојба поради проблемот со неконтролираното движење на добитокот во Крива Паланка, претставува уште еден обид реалниот проблем на граѓаните да се претвори во политичка тема и одговорноста да се префрли на Владата и државните институции, соопшти општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка.
„Само да потсетаме дека овој проблем е децениски, СДСМ имаше апслолутна власт во Крива Паланка од 2017 до 2024 година, имаат градоначалник трет мандат по ред. Ако биле толку загрижени сите овие години ќе најделе начин да го решат проблемот. За разлика од СДСМ, Владата и надлежните институции во изминатиот период преземаа конкретни активности во рамките на своите законски надлежности и досега се одземени приближно 100 грла говеда“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка.
Барањето за кризна состојба потврдува дека општината и градоначалникот не се способни да го решат проблемот, се додава во соопштението.
„Како Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка нема да бидеме пречка за ниту една иницијатива или мерка што е во интерес на граѓаните. Ќе ја поддржиме секоја законска постапка што ќе придонесе за трајно решавање на овој проблем. Но, истовремено, очекуваме одговорност и отчетност од локалната самоуправа за она што е во нејзина надлежност. Граѓаните не бараат политички препукувања и празни пресконференции, ниту бараат оправдувања. Бараат безбедни улици, заштита на нивните имоти и конкретно решение на проблемот“, се вели во соопштението.
Барањето кризна состојба, се додава, не смее да биде алиби за непостапување во рамките на редовните надлежности на локалната самоуправа.
„Граѓаните на Крива Паланка не очекуваат градоначалникот да им објаснува кој е виновен, туку очекуваат да видат конкретни резултати. Проблемот со добитокот не започнал денес, ниту ќе се реши со денешната прес-конференција. Градоначалникот треба да престане да ја политизира оваа тема и да започне да ги исполнува обврските што произлегуваат од функцијата што ја извршуваа“, се вели во соопштението.
.
Извор: plusinfo.mk