И ПОКРАЈ БЛОКАДАТА МАКЕДОНИЈА ГИ СПРОВЕДУВА РЕФОРМИТЕ Сиљановска-Давкова побара забрзување на евроинтеграциите од „Пријателите на Западен Балкан“
И покрај блокадата на пристапниот процес, Македонија забрзано ја спроведува Реформската агенда, додека усогласувањето со европското законодавство и со надворешната политика на Европската Унија ја потврдува посветеноста на државата на евроинтеграциите, истакнала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со амбасадорите на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Брисел.
Според соопштението од Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова нагласила дека Македонија има солидно ниво на усогласеност на законодавството со правото на ЕУ и стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
„И покрај блокадата во пристапниот процес, солидното ниво на усогласеност на нашето законодавство со правото на Европската Унија и стопроцентната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја потврдуваат македонската посветеност на евроинтегративниот процес“, се наведува во соопштението од Кабинетот.
Претседателката посочила дека дополнителна потврда за таквата посветеност е забрзаното спроведување на Реформската агенда, што, според неа, е констатирано и во овогодишниот извештај на Европската комисија.
На средбата, посветена на регионалната соработка и европската перспектива на Западен Балкан, таа им се заблагодарила на амбасадорите за поддршката што нивните земји ја даваат за македонските евроинтеграции.
Сиљановска-Давкова разговарала со амбасадорката на Хрватска, Ирена Андраси, амбасадорот на Грција, Јоанис Враилас, амбасадорот на Унгарија, Балинт Одор, амбасадорот на Италија, Винченцо Челесте, амбасадорот на Словачка, Јурај Ноциар, и амбасадорот на Чешка, Владимир Бертл.
Таа изразила очекување дека забрзувањето на македонскиот пристапен процес и интеграцијата на целиот регион ќе бидат меѓу приоритетите на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија.
Посебни очекувања претседателката има од Грција и од Италија, како земји што се дел од групата „Пријатели на Западен Балкан“ и кои ќе претседаваат со Советот на ЕУ во наредниот период.
.
Извор: plusinfo.mk