ФОНДОТ РЕАГИРА НА ТВРДЕЊАТА НА КОСТАДИНОВ „Спремни сме за соработка, гинеколозите се тие што ја напуштија средбата“
Претседателот на Здружението на приватни гинеколози и акушери ја напуштил средбата на која требало да се разговара за новите договорни решенија, реагира Фондот за здравствено осигурување.
Фондот нуди формирање заедничка работна група, но порачува дека преговорите се водат со аргументи, а не преку јавни полемики, вели Министерството за здравство во соопштение.
Според написот, претседателот на Здружението на приватни гинеколози и акушери, д-р Георги Костадинов, ја напуштил денешната средба со претставниците на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), без да понуди конкретни образложенија за своите ставови, тврди Фондот во реакцијата на неговите јавни изјави.
ФЗО изразува изненадување од тврдењата на Костадинов, оценувајќи дека со нив се создава погрешна слика за комуникацијата со приватните гинеколози и за подготвеноста на институцијата да разговара за нивните барања.
„На денешната средба, организирана токму за разгледување на предложените договорни решенија, наместо аргументирана дискусија, претседателот на Здружението не понуди конкретни образложенија за своите ставови и ја напушти средбата“, се наведува во реакцијата на Фондот.
Фондот потсетува дека на 28 октомври Костадинов, заедно со претставници на приватните гинеколози, имал работна средба со генералниот директор на ФЗО и со стручните служби. Тогаш биле разгледани отворените прашања и било договорено разговорите да продолжат.
„Преговорите се водат на маса, со аргументи и конкретни предлози, а не преку создавање погрешна претстава во јавноста“, порачуваат од Фондот.
Спорот се однесува и на барањето во договорите со матичните гинеколози прецизно да бидат наведени видот, обемот и зачестеноста на гинеколошките прегледи што се покриваат со капитацијата.
Од ФЗО објаснуваат дека овие прашања се регулираат со законски и подзаконски акти и со медицински стандарди, а не со поединечните договори со избраните лекари. Договорите, според институцијата, ги утврдуваат меѓусебните права и обврски, како и условите и начинот на финансирање.
Сепак, Фондот нуди формирање заедничка работна група со претставници на Здружението, која би ги разгледала доставените предлози. Доколку се утврди оправдана потреба, групата би можела да иницира измени на соодветните подзаконски акти.
„Фондот ги почитува приватните матични гинеколози како значаен дел од здравствениот систем и останува отворен за професионална соработка“, се наведува во соопштението.
Од ФЗО нагласуваат дека интересите на осигурениците, достапноста на здравствените услуги и почитувањето на прописите остануваат нивен највисок приоритет.
„Фондот нема да дозволи јавните полемики да го заменат суштинскиот дијалог, бидејќи нашата заедничка обврска е да обезбедиме подобра, поквалитетна и подостапна здравствена заштита за граѓаните“, порачуваат од институцијата.
.
Извор: plusinfo.mk