ГРУБИ НУДИ 335.707 ЕВРА ГАРАНЦИЈА ЗА ДА МУ СЕ ВРАТИ ПАСОШОТ Куќниот притвор му истекува на 13 октомври
Второобвинетиот во предметот „Државна лотарија“, поранешниот вицепремиер Артан Груби понудил гаранција од недвижен имот во вредност од 335.707 евра, за да му биде вратен пасошот, откако на 13 окмтомври ќе му истече мерката куќен притвор.
Мерката куќен притвор понатаму не може да му се продолжува, затоа што за делото за кое е е обвинет може да трае најдолго 60 дена.
Од Кривичниот суд информираат дека за понудената гаранција е отворен предмет кој е испратен на мислење во Јавното обвинителство.
„Основниот кривичен суд Скопје ја известува јавноста дека обвинителниот предлог, по кој е заведен кривичниот предмет против Груби и другите обвинети е поднесен на 13 август 2026 година. Согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Поради тоа, како што беше посочено и претходно, а истото беше потенцирано и од страна на судијата кој постапува по предметот, по сила на Законот мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година“, соопшти Кривичниот суд.
Воедно, покрај мерката куќен притвор, против обвинетиот е определена и дополнителна мерка на претпазливост, односно, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница, која ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена, додава Кривичниот суд.
„Во однос на оваа мерка на претпазливост одбраната до Судот достави предлог, со кој, согласно член 150 од Законот за кривичната постапка, предлага нејзино укинување со определување гаранција. Имено, одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка. По понудената гаранција е оформен предмет, кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. По добивањето на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот, а за донесената одлука странките и јавноста ќе бидат навремено известени, соопшти Кривичниот суд.
По истрагата за проневера во Лотарија, Груби избега од Македонија, а по 14 месеци бегство, се врати на 23 февруари 2026 година. Тој беше избеган во Косово, а за преминување на косовската граница не е потребен пасош.
Обвинението протов него и останатите петмина е подигнато за кривичното дело Злоупотреба на службената положба при набавката на апарари за игри на среќа за „Државна лотарија“ во вредност од 8,2 милиони евра.
Првообвинет е поранешниот директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, кој, исто така, беше во бегство, како и четворца членови на Управниот одбор на дравната компанија за игри на среќа.
Судењето за овој предмет е во тек во Кривичниот суд.
.
Извор: plusinfo.mk