ОД ПАД ОД 5 ДО РАСТ ОД 5,2 ОТСТО Опозицијата да ги погледне статистичките податоци за платите
ВМРО-ДПМНЕ реагира на критиките на СДСМ за платите, повикувајќи се на најновите податоци на Државниот завод за статистика. Од партијата велат дека реалната нето-плата во септември 2026 година забележала раст од 5,2 отсто, додека во истиот месец во 2022 година, кога на власт беше СДСМ, била забележана реална стапка на намалување од пет проценти.
Според податоците на ДЗС, просечната исплатена нето-плата во септември годинава изнесувала 49.141 денар. Тоа е номинално зголемување од 8,1 отсто во споредба со истиот месец лани, додека реалниот раст, кој го зема предвид движењето на цените, изнесувал 5,2 отсто.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во септември 2022 година реалната нето-плата била намалена за пет проценти во однос на истиот месец претходната година. Овој податок е потврден и во тогашното соопштение на ДЗС, во кое реалниот индекс на нето-платата изнесувал 95,0.
Од партијата прават споредба меѓу двата периода и оценуваат дека актуелната Влада успева да го зголеми реалниот доход на вработените и покрај, како што велат, историската енергетска криза, додека во 2022 година, за време на владата предводена од СДСМ, реалната плата се намалувала.
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека не интервенира со законски измени за минималната плата, туку растот го препушта на пазарот на трудот и на постојниот Закон за минимална плата.
„Бројките се немилосрдни и понекогаш статистиката повеќе зборува отколку сè друго“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека и во наредниот период ќе продолжат да креираат политики и да преземаат мерки за економска стабилност, раст, подобра бизнис-клима, отворање нови работни места и повисоки плати.
.
Извор: plusinfo.mk