ЈА ДАВЕЛ ДЕВОЈКАТА, ПА ИЗБЕГАЛ ОД ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА Обвинителството бара продолжување на притворот на битолчанец
Обвинителството бара продолжување на притворот за битолчанецот кој ја нападнал својата девојка, ја удирал со тупаници и шамари, а потоа ја стегал за вратот и устата. Мажот, според информациите од Основното јавно обвинителство Битола, по инцидентот избегал од полициска станица и неколку дена бил недостапен за надлежните органи.
Основното јавно обвинителство Битола поднело обвинителен предлог против него за кривично дело „Телесна повреда“ при вршење семејно насилство.
Според обвинението, на 10 ноември, по вербална расправија во нивниот дом, обвинетиот физички ја нападнал девојката, удирајќи ја по лицето со тупаници и шамари. Потоа ја стегал за вратот и устата, при што ѝ нанел површинска телесна повреда, неколку нагмечувања и крвни подливи.
Од Обвинителството информираат дека во текот на постапката за прибирање докази на лицето му била определена мерка притвор поради опасност од бегство и можност за повторување на насилството.
Како дополнителна околност што укажува на опасност од бегство бил земен предвид фактот дека обвинетиот непосредно по настанот избегал од полициска станица, по што неколку дена бил недостапен за надлежните институции.
Бидејќи јавниот обвинител смета дека причините поради кои бил определен притворот и натаму постојат, заедно со обвинителниот предлог до судот доставил и барање за продолжување на мерката.
Мажот се товари за кривично дело „Телесна повреда“ според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
.
Извор: plusinfo.mk