ФАТЕН СО 500 ЕВРА ПОТКУП, ПРИВЕДЕН РАКОВОДИТЕЛ ВО ДЗС Парите ги барал за позитивно мислење за градба
Раководител на сектор во Дирекцијата за заштита и спасување е лишен од слобода откако бил затекнат при примање 500 евра, кои, според сомнежите, ги побарал за да издаде позитивно мислење потребно во постапка за изградба на објект.
Акцијата ја спровеле полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност. Според информациите до кои дојдовме, раководното лице било затекнато со 500 евра во претходно криминалистички обработени банкноти.
Парите, според првичните сознанија, биле побарани како противуслуга за издавање позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, документ што е потребен во постапка поврзана со изградба на објект.
Случајот, сепак, може да има и пошироки размери. Според неофицијалните информации, истражителите проверуваат дали раководителот и претходно барал или примал пари за издавање позитивни мислења поврзани со изградба на станбени и деловни објекти.
Доколку овие сомнежи се потврдат, истрагата би можела да се прошири и на други случаи во кои се издавала документација неопходна за реализација на градежни проекти.
Засега не е официјално објавен идентитетот на приведениот, ниту е потврдено дали во случајот се опфатени и други лица. Не се соопштени ниту повеќе детали за објектот за кој било побарано позитивно мислење.
Се очекуваат информации од надлежните институции за кривичното дело за кое ќе се товари приведениот, како и за понатамошниот тек на постапката.
.
Извор: plusinfo.mk