СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ – ПИТУ“ ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕН ВО ЈАНУАРИ 2027 ГОДИНА Современи услови за престој на 280 студенти
Привршуваат активностите за темелна и енергетски ефикасна рехабилитација на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје, објектот ќе биде отворен пред почетокот на вториот семестар од тековната академска година, во јануари 2027, соопшти Министерството за образование и наука.
Инвестицијата е вредна 10 милиони евра.
Денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска изврши увид во градежните работи.
– Овој објект ќе биде вториот модерен студентски дом што ќе го отвориме со поддршка на Европската Унија и Германската развојна банка – KFW со кои заедно започнавме и ќе го завршиме процесот на темелна обнова на 9 државни студентски домови и 6 државни училишта со ресурсни центри. Ова се значајни инвестиции во студентскиот стандард и во инклузијата на образовниот систем – рече Јаневска.
За реализација на проектоте се обезбедени 86 милиони евра, од кои 60 милиони евра се од KFW, 22 милиони евра се неповратни грантови од ЕУ и 4 милиони евра се буџетски средства.
Јаневска потсети дека пред два месеца беше отворен реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Автокоманда, со можност за сместување на 1.150 студенти.
Капацитетите се прошируваат и во домот „Кузман Јосифовски – Питу“, каде ќе можат да се сместат 280 лица.
– Се работи за навистина одлични услови, високи стандарди за ваков тип на градби. Очекувам студентите што ќе го користат овој дом да бидат задоволни, но и одговорни, за да можат што повеќе генерации да ги почувствуваат придобивките од ова јавно добро – рече Јаневска.
Додаде дека денот на посетата е одбран симболично, заоа што 17 ноември е Меѓународен ден на студентите, а тие се во фокусот на владините политики.
– Грижата за студентскиот стандард е многу подигната во период од неколку години – практично буџетот за оваа намена е двојно зголемен ако ги споредиме 2022 и 2026 година. Продолжуваме посветено да работиме за младите да бидат задоволни од вниманието од државата, да ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваат и да ги задржиме тука во сопствената земја да го реализираат својот потенцијал – порача министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
.
Извор: plusinfo.mk