ЌЕ ТРАЕ ПРОЦЕСОТ НА ПОДОБРУВАЊЕ НА НАШИТЕ ПОЗИЦИИ ПРЕД ЕУ, ОТКАКО ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА ГИ ПРОДАДЕ Задачата на оваа генерација е да направи чекор-два, па следната уште два
Поранешната влада сама прифати услов за промена на Уставот, сега ние се бориме за подобри позиции во евроинтеграциите, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Односите со европските партнери мора да се гледаат рационално и без емоции, а условите со коишто денес се соочува Македонија се прифатени од претходната Влада, порача тој.
– Да бидеме реални, настрана чувствата и емоциите — ова е сепак сериозен свет и таму треба да се остават емоциите настрана и да видиме што вели разумот. Не можам да се согласам кога велиме „нелогични барања“, бидејќи некоја претходна македонска влада тие таканаречени нелогични барања ги прифатила, ставила потпис на договор. И истата таа што ги прифатила, денеска излегува во јавноста и кажува лаги и конструкции, обвинувајќи ја денешната Влада — не знам, вели, ќе сме го враќале името, презимето, ќе сме правеле не знам што, не знам како. Истата таа политичка партија не само што ја ограби Македонија, не само што ја понижи, туку целосно го забетонира овој процес којшто ние сега од петни жили се обидуваме некако да го откочиме – рече Мицкоски во гостување на Алфа.
Верувајте, тоа не е едноставен процес, додаде тој.
– Затоа што од другата страна, условно кажано, имаме противник што е многу поголем, помоќен и е внатре. И има договор којшто македонската Влада го прифатила. И кога ги молевме додека бевме во опозиција, не нè послушаа – рече Мицкоски.
Ние мораме да се бориме, порача премиерот.
– Тоа што е погрешено, чекор по чекор да го враќаме. Задачата на оваа генерација е да направи чекор-два со тоа што ќе поврати дел од тоа што претходната генерација го заборавила, односно го продала. По нас, тие што ќе дојдат треба да се борат за следните два чекори. Ова е процес којшто ќе трае. Не треба ниту ние, ниту граѓаните да ги обвинуваат луѓето од Брисел. Тие се трудат, сакаат, знаат дека ни е нанесена неправда, сочувствуваат со нас итн., но сè завршува со реченицата: „Вие си прифативте, некоја ваша влада ставила потпис на тоа“ – нагласи Мицкоски.
.
Извор: plusinfo.mk