ДУИ ОБВИНУВА ЗА ПОЛИЦИСКО НАСИЛСТВО ВРЗ ДВАЈЦА МЛАДИ Внатрешна контрола на МВР ги проверува наводите
Министерството за внатрешни работи започна проверка по наводите дека две лица биле физички нападнати од полициски службеници во Скопје, при што наводно бил оштетен и нивниот автомобил.
По информациите објавени во дел од медиумите за настанот што се случил на 7 октомври, министерот за внатрешни работи наложил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да ги испита сите околности поврзани со случајот.
Целта на проверката е да се утврди што точно се случило и дали постои одговорност кај полициските службеници кои се споменуваат во наводите.
Опозициската партија Демократската унија за интеграција бара целосно расветлување на случајот со двајцата млади на возраст од 21 и 23 години, кои, според нивните изјави, биле брутално малтретирани од полицијата.
Според информациите на партија, во интерниот полициски извештај се тврди дека младите му го одзеле пиштолот на еден полициски службеник, додека, според нивните изјави, оружјето завршило во нивното возило откако полицијата им го скршила стаклото.
„Тие, исто така, изјавуваат дека полицајците пукале со огнено оружје, им ги дупнале гумите на возилото, а потоа ги малтретирале, откако им ги врзале рацете и ги легнале на земја“ – пишува ДУИ во соопштението.
Партијата бара итна, непристрасна и транспарентна истрага за целосно расветлување на настанот, како и одговорност за секое евентуално прекршување на законите од страна на полициските службеници.
Од МВР информираат дека се преземаат потребните мерки за целосно расчистување на случајот. По утврдувањето на фактичката состојба, ќе следуваат соодветни постапки во согласност со законските прописи.
„По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
.
Извор: plusinfo.mk