ДУИ ГО ОВОЗМОЖИ ВЛЕЗОТ НА АЛТА БАНКА ВО МАКЕДОНИЈА Непријатни прашања до Али Ахмети од ВЛЕН
Веќе четири дена по ред во јавноста објавуваме официјални документи, конкретни датуми и трансакции во вредност од милиони евра, кои, според нашите наводи, покажуваат како раководството на ДУИ и најтесното семејство на Али Ахмети го иницирале и директно го овозможиле влезот во земјава на контроверзниот српски бизнисмен Давор Мацура и на белградската „Алта банка“, соопшти ВЛЕН.
„Во исто време, од Мала Речица гледаме само панични реакции, нервозни соопштенија и обиди за избегнување на суштинските прашања. Денеска одговараме со конкретни документи и факти, кои ги поврзуваат трите клучни чекори на овој милионски финансиски процес. Според документите и информациите што ги објавуваме, влезот на Алта банка во Северна Македонија бил овозможен преку однапред осмислен механизам, во кој, како што тврдиме, биле вклучени тогашни функционери на ДУИ – Артан Груби, Бујар Османи, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши. Преку политичко влијание и користење на институционалните позиции, тие, според нашите наводи, го иницирале, го олесниле и го овозможиле процесот на продажба на Стопанска банка АД Битола на српската Алта банка“, соопшти ВЛЕН.
Станува збор за сложен механизам, во кој трансакциите биле структурирани на начин што го отежнува утврдувањето на целосната поврзаност меѓу учесниците, се додава во соопштението.
„Најпрво, Артан Груби во својство на прв вицепремиер со својот потпис ја иницира постапката за продажба на државните акции и го отвора процесот за нивно отуѓување во Стопанска банка АД Битола. Потоа, во 2025 година, Селаудин Арифи, сопственик на компанијата АС Сењак и кум на Али Ахмети, ги купува акциите. Подоцна, преку компанија во која АС Сењак е косопственик, се реализира кредит од 5 милиони евра од Белград, по што дел од акциите во битолската банка му се продаваат на Давор Мацура“, соопшти ВЛЕН.
Во продолжение на соопштението ВЛЕН наведува хронологијата на трите чекори, на релација Зајас-Кичево-Белград:
Прв чекор (6 и 13 јуни 2023 година) – Раководството на ДУИ го отвора патот преку Владата. На 158-та седница на Владата, одржана на 6 јуни 2023 година, во присуство на Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши, била донесена одлука за продажба на државните акции во Стопанска банка АД Битола, кои биле во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот. Во Службен весник број 123, објавен на 13 јуни 2023 година, во Одлуката со број 41-3733/8 се наоѓа потписот на тогашниот прв вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби.
Втор чекор (24 октомври 2024 и 9 јуни 2025 година) – Во процесот се вклучува кумот на Ахмети, со кредит од 5 милиони евра од Белград. Откако преку институциите била отворена можноста за продажба на акциите, на 24 октомври 2024 година, кичевската компанија АС Сењак, во сопственост на Селаудин Арифи, кум на Али Ахмети и деловен партнер на неговиот внук Дрин Ахмети во случајот „Сораавија”, купува значителен пакет акции во Стопанска банка АД Битола. Неколку месеци подоцна, на 9 јуни 2025 година, компанија во која АС Сењак е косопственик добива директен прекуграничен кредит во износ од 5 милиони евра, од централата на Алта банка во Белград.
Трет чекор (17 септември 2025 година) – Акциите од АС Сењак преминуваат во рацете на Давор Мацура. Само три месеци по трансферот на петте милиони евра од Белград, на 17 септември 2025 година, АС Сењак му ги продава своите акции во Стопанска банка АД Битола директно на Давор Мацура и неговата Алта банка.
„Документите што ги презентираме отвораат сериозни прашања за улогата на тогашното раководство на ДУИ во процесот на влез на Алта банка во Македонија. Овој случај, според нас, е уште една последица од контроверзниот проект Отворен Балкан, кој отвора прашања за економското и политичкото влијание на Србија во регионот. Наместо празни соопштенија и лични навреди, уште еднаш го повикуваме Али Ахмети јавно да одговори на прашањата од кои со денови избегнува:Зошто во ниту едно соопштение на ДУИ не се споменуваат компанијата АС Сењак и името на Селаудин Арифи? Ако ДУИ навистина била против влезот на Алта банка во Македонија, зошто Артан Груби во 2023 година ја потпишал одлуката со која се отвора постапката за отуѓување на државните акции? Денес, кога Давор Мацура се наоѓа во притвор во Србија, а Народната банка воведе привремена управа во битолската банка со цел да се заштити финансискиот систем, јавноста има право да ги знае сите детали за овој случај. За Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и Фатмир Бесими, единствената идеологија се милионите, без разлика дали тие доаѓаат од „Сораавија” или од кредитите на белградските олигарси“, соопшти ВЛЕН.
.
Извор: plusinfo.mk