
Вулканот Килауеа на Хаваите еруптираше по речиси два месеци мирување
Килауеа, еден од најактивните вулкани во светот, почна да еруптира по двомесечна пауза на Хаваите. Светлечка лава се појави од кратерот, кој е на безбедно растојание од луѓето во националниот парк на Големиот остров, објави Асошиејтед прес (АП).
Хавајската опсерваторија на вулканите соопшти дека ерупцијата била забележана во попладневните часови на врвот Килауеа.
Опсерваторијата додаде дека гасовите ослободени од ерупцијата ќе предизвикаат вулкански смог надолу од Килауеа. Луѓето кои живеат во близина на националниот парк треба да се обидат да ги избегнат вулканските честички фрлени во воздухот од ерупцијата.
Нивото на тревога за опасност од вулканот беше зголемено на црвено додека научниците ја проценуваат ерупцијата и придружните опасности.
Во јуни, Килауеа еруптираше неколку недели со фонтани од црвена лава без да претставува непосредна закана.
Толпи луѓе вчера се собраа во Националниот парк „Хаваи вулкани“ на Големиот остров, кој понуди безбеден поглед на лавата.Килауеа, вториот по големина вулкан на Хаваите, еруптираше од септември 2021 година до декември минатата година. Ерупцијата на Килауеа во 2018 година уништи повеќе од 700 домови.
