ВО БИТОЛА ИЗВАДЕНИ НАД 1.700 РАЧНИ БОМБИ И МИНИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА Отстранета голема опасност за околината на Тумбе Кафе
Отстрануваме голема опасност до куќите коишто се наоѓат веднаш под Тумбе Кафе во Битола, на неколку метри воздушна линија од куќите – деновиве од земја извадивме повеќе од 1.700 рачни бомби и тромблонски мини од Првата светска војна, рече денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов од местото каде се најдени експлзивните направи.
– Огромна количина којашто се наоѓа во овие сандаци зад мене. Ископувањата продолжуваат и понатаму. Очекуваме да најдеме уште повеќе од вакви бомби, но и други видови на неексплодирани убојни средства – рече Ангелов.
Тој упати голема благодарност до пиротехничарот во Дирекцијата за заштита и спасување којшто е носител на оваа акција.
– Голема благодарност до неколку пензионирани припадници од МВР — поранешни припадници на специјалната единица „Тигри“ и еден пензиониран припадник од Отсекот за антитероризам на МВР, коишто се ангажирани со договор на дело во МВР и дадоа голем допринос во откупувањето и безбедното отстранување на овие бомби од Првата светска војна – рече Ангелов.
На новинарско прашање каква е состојбата со екипите во ДЗС, Ангелов рече дека во овој момент во Дирекцијата има само неколку пиротехничари, а во тек е процедура за вработување на уште еден пиротехничар којшто ги има сите потребни сертификати и соодветно искуство.
– Размислуваме и во насока на пронаоѓање нови кадри, работам и на тој процес. Но, факт е дека тоа е процес, бидејќи ние никаде не можеме да најдеме ‘готов производ’, односно обучени пиротехничари, туку треба да примиме млади лица коишто потоа треба да завршат обука којашто во најмала рака е тростепена и за којашто се потребни неколку години. Но, и ангажираните поранешни припадници на МВР се релативно млади за оваа работа. Имаат можност, со измените од јуни оваа година на Законот за заштита и спасување, да бидат ангажирани во Дирекцијата уште десетина години — се разбира доколку истите се согласни и го сакаат тоа. Но, постои можност и за ангажман на уште неколку пензионирани лица од МВР, но и од други институции, затоа што мојата намера е не само чистење на оваа локација, туку да исчистиме уште неколку критични локации во битолско, за коишто имаме информации дека исто така има стотици, а на некои места и илјадници неексплодирани убојни средства – рече Ангелов.
.
Извор: plusinfo.mk