МИЦКОСКИ И ГАШИ ПОВИКАА ДА НЕ СЕ ГЛАСА ПО ЕТНИЧКА ОСНОВА ВО БРВЕНИЦА Премиерот очекува победа на Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ
Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието Африм Гаши денеска повикаа да не се гласа по етнична основа на вториот круг од локалните избори во Брвеница што ќе се одржи в недела.
– В недела во Брвеница граѓаните ќе гласаат така како што им вели разумот, а вие ќе се јавите да ни честитате – рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Скендер Реџепи.
Претседателот на Владата потсети дека скоро пред една година на избори граѓаните на Брвеница јасно се определија, го дадоа гласот на, за жал прерано починатиот градоначалник Јовица Илиевски, а и сега на вонредните локални избори имаат предност над Националната алијанса за интеграција (НАИ).
– Во Брвеница е чудно како тоа славите пораз, бидејќи кандидатот што вие го поддржавте изгуби. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата освои близу 3.000 гласови, а кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ) имаше околу 900 гласови помалку, што значи тој кандидат загуби на изборите. Во дваесет години вие за Брвеница направивте нула проекти и резултатот од тие нула проекти е 10.000 иселени лица, а од нив 90 отсто Албанци. И сега одите по Европа и низ светот, коленичите и им викате вратете се во Брвеница да гласате затоа што не смеат кауриве да победат и да имаат свој градоначалник во Брвеница. Ги барате тие истите кои што избегаа поради вашето 20-годишно владеење во Владата – истакна Мицкоски.
Премиерот потсети на главната порака што ја испраќал до граѓаните во Општина Брвеница, а тоа е да не се прават етнички поделби меѓу населението.
– Луѓе од коалицијата на НАИ излегоа и повикаа на етничко гласање, додека од ВМРО-ДПМНЕ никој не побара да се гласа етнички. Напротив, мојата порака беше, ќе сакаат да ве делат по етничка основа, но немојте тоа да го дозволите бидејќи вие повторно ќе бидете еден до друг. Тие ќе си заминат бидејќи ова е нивната сламка за спас на нивната политичка кариера, а за вас е сѐ. Не дозволувајте да влијаат луѓе од минатото за вашата иднина. Тоа беше мојата порака до жителите Македонци, Албанци и останати жители. Жителите велат дека 20 години нема еден проект за Брвеница, а Христијан како претседател на Владата, Александар Николоски како потпретседател на Владата и министер за транспорт, го градат патот за Гургурница, МОН гради училиште во Челопек, се градат спортска сала и детска градинка во Челопек. На 2 ноември ќе чекам честитки за нашата победа во Брвеница – нагласи Мицкоски.
Според Гаши, на секои избори треба да победи најдобриот, а крајно време е изборите во државата да ги гледаме од аспект на ефикасност, прагматичност, реализирање на програми.
– За жал, во нашата држава во некои делови и на некои избори ни се појавува и ни се повторува случајот да се делиме етнички, особено кога зборуваме за локални избори. Знаете работите кои се во делот на локалната самоуправа се работи кои немаат етнички призвук или предзнак. Се работи за канализација, водовод, асфалтирање на улици, собирање на смет итн. Не можеме сѐ да сведеме на меѓуетнички односи. Би би било добро да се гласа за најдобриот и да победи тој што ќе ја реализира предизборната програма која е претставена пред граѓаните, а потоа да им служи на сите граѓани исто без разлика на припадноста – рече Гаши одговарајќи на повиците од одредени политичари Албанци да се гласа по етничка основа.
Во руралните средини, додаде тој на средбата со новинарите, имаме гласање не само по етничка основа туку и во зависност од тоа кој од кое село е.
Противкандидати на вториот круг од локалните избори в недела во Брвеница се Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахиј од ДУИ.
.
Извор: plusinfo.mk