ВЛАДАТА ОЧЕКУВА ОДГОВОР ОД СТУДЕНТИТЕ ЗА СТУДЕНТСКИОТ ОБРОК Мицкоски на средбата го објаснил и предлогот за правосудниот испит
Владата очекува повратен одговор од студентите за предлогот за измена на моделот на субвенционираниот студентски оброк, откако на двочасовна средба биле разгледани и тоа прашање, но и прашањето за полагањето на правосудниот испит и можните решенија за него.
– Имавме конструктивна средба која траеше два часа. Ние им го објаснивме предлогот што го има Владата и цениме дека тој предлог е многу подобро решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се согласија. Сега чекаме повратен одговор. Ни беше ветено дека истиот ден, до вечерта, ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите. Не ја добивме. Денеска е втор ден и се надевам дека ќе ја добиеме – изјави Мицкоски.
Покачување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно, можност за дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата „М.услуги“, им преложила Владата на претставниците на студентските парламенти, кои завчера се сретнаа со премиерот Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и други владини претставници.
Според предлогот, во системот би биле вклучени ресторани, маркети, млечни ресторани и други оператори кај кои студентите би можеле да купуваат храна и пијалаци, како вода, јогурт и кисело млеко.
Премиерот вчера објасни дека со системот би се овозможило средствата да се користат за нивната намена, односно за студентски оброк, а не за други производи. За таа цел, како што рече, би се користела и вештачка интелигенција вградена во апликацијата.
Дополнително, вели Мицкоски, Владата би преговарала со трговците за студентите да добиваат попусти при купувањето храна, дури и кога ќе ја потрошат месечната субвенција.
Во однос на полагањето на правосудниот испит, Мицкоски денеска посочи дека решението што го изнело Министерството за правда е предлогот што го изработила Владата, оценувајќи дека досега немало конкретна иницијатива за надминување на ова прашање.
Според Мицкоски, владиниот предлог, кој треба да биде доставен до Венецијанската комисија, треба да овозможи полагање на испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно остварување на правото на користење на мајчиниот јазик, но истовремено и почитување на принципот на владеење на правото.
– Решението што го нудиме е решение кое од една страна нуди задоволување на правото да се полага испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно правото на својот мајчин јазик, а од друга страна да имаме владеење на правото, затоа што принципот „франка лингва“, односно еден јазик во правосудството, е практично главната препорака во мислењето што го дава Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците – рече Мицкоски.
.
Извор: plusinfo.mk