ВО ЕУ САМО ПО ЗАСЛУГИ Црна Гора ветува силна поддршка за Македонија
Црна Гора ќе биде силен поддржувач на Македонија на патот кон Европската Унија и ќе се залага проширувањето да се темели на заслуги, порача денеска во Скопје црногорскиот вицепремиер за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ.
Тој очекува неговата земја да стане членка на Унијата во 2028 година, но нагласи дека европското семејство нема да биде целосно без сите држави од регионот. Двајцата вицепремиери разговарале и за економската соработка, транспортното поврзување и иднината на регионалните инфраструктурни проекти.
Ивановиќ, кој престојува во дводневна работна посета на Македонија, на заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека Црна Гора е предводник во евроинтегративниот процес меѓу земјите од регионот.
Тој нагласи дека евентуалното членство на неговата земја нема да значи оддалечување од соседите, туку можност за посилна поддршка на нивните европски интеграции.
– Членството не значи излез од регионот, туку поддршка и за останатите држави од регионот и нивно членство. Црна Гора се залага процесот на проширување да биде по заслуги и ЕУ не може да биде комплетна без сите држави од регионот. Затоа, многу брзо, кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската унија, ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција, со желба што побрзо да се најдеме заедно таму – порача Ивановиќ.
На средбата двајцата вицепремиери оценија дека политичките односи меѓу Македонија и Црна Гора се одлични и дека нема отворени билатерални прашања. Договориле следната година да се организира бизнис-форум со компании од двете држави, со цел да се поттикне економската соработка.
На средбата беше потврдена авиолинија Тиват-Скопје која треба да почне да сообраќа од 1 мај. Посебно внимание во разговорите било посветено на транспортната инфраструктура и на можностите Македонија да добие подобар пристап до црногорското пристаниште Бар.
Според Николоски, изградбата на автопатот Скопје – Блаце ќе придонесе за подобро поврзување со ова пристаниште, покрај веќе постојните и планираните транспортни врски со Солун и Драч.
– Имајќи предвид дека имаме добро поврзување со пристаништето во Солун, градиме поврзување со пристаништето во Драч, со изградбата на овој автопат ќе имаме одлично поврзување и со пристаништето во Бар и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава која не излегува на море, да имаме излез на најмалку три пристаништа – рече Николоски.
Двајцата вицепремиери разговарале и за најновите политички случувања во Србија, при што се согласиле дека промените на власта не треба да ја загрозат реализацијата на стратешките регионални проекти.
Николоски како пример го посочи железничкото поврзување меѓу Белград, Будимпешта и Виена, оценувајќи дека инфраструктурните приоритети треба да продолжат независно од политичките промени.
– Најдобар доказ дека промената на власта не влијае на овие големи проекти е она што ќе се случи во декември. Без разлика што се промени власта во Унгарија, на 13 декември стартува брзиот воз којшто оди од Белград преку Будимпешта до Виена, така што тоа се проекти коишто се стратешки приоритет во регионот и очекувам во таа насока и новата влада во Србија да продолжи да ја развива инфраструктурата, затоа што Коридорот 10 е природен спој за нив до Егејското Море и не верувам дека би се откажале од тоа – рече Николоски.
.
Извор: plusinfo.mk