
Владата го повлече законот за солидарен данок од Собрание
Владата го повлекла предлог-законот за данок на солидарност од собраниска процедура, објавија денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, потпретседателот Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев.
Со ова законско решение треба дополнително да се оданочат големите фирми кои за време на кризата се стекнале со дополнително богатство во однос на претходните години.
Како што соопшти комората на стопанствениците, Владата го испочитувала барањето на бизнис секторот и го повлекла Предлог-законот од законска процедура. Решението не е целосно повлечено, односно најверојатно ќе оди на доработка со претходни разговори со бизнис секторот.
– Владата не послуша, го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, но ние бараме не само да се повлече, туку и да се запре целосно неговото натамошно процесуирање. Очекуваме, ако го повлечле законот и ако сакаат повторно да го активираат, прво да разговараат со бизнисот. Мора да престане практиката на носење закони по брза постапка. Имаме 250 странски инвеститори и 15 000 наши членки кои бараат систем и предвидливост. За бизнисот тоа е клучно. Никој не е против да плаќа даноци, но не може преку ноќ да се менуваат правилата. Тоа што ќе се договори, треба и да се имплементира, објави Азески.
Пешев додаде дека комората силно се противи на паушалната употреба на европското знаменце за донесување на законите.
