
ВАЖНО: Ова треба да го знаете пред натпреварот Велс – Македонија во Кардиф!
Македонската фудбалска репрезентација објави детални упатства за сите навивачи кои ќе присуствуваат на квалификацискиот дуел со Велс во Кардиф. Организаторите апелираат на навремено пристигнување, почитување на процедурите и однесување согласно правилата на стадионот.
Стадионот ќе биде отворен два часа пред почетокот на натпреварот, а препораката е навивачите да пристигнат најдоцна еден час порано. Македонските фанови ќе бидат сместени во секторите 119, 121 и 122, со влез исклучиво преку Gate 12. Повторен влез не е дозволен, а за влез не е потребно покажување лична карта или пасош.
Предупредување е упатено до сите што можеби купиле билети во домашните сектори – тие може да бидат одбиени или отстранети од трибините.
Навивачкото собиралиште традиционално ќе биде пабот Walkabout на St. Mary Street. Стадионот е оддалечен околу 25 минути пеш од центарот, а на располагање се и такси и јавниот превоз (станици Ninian Park и Grangetown).
На денот на натпреварот нема да има продажба на билети. Паркирањето е бесплатно за автобуси, додека за автомобили има ограничени места со цена од 10 фунти, која се плаќа на лице место. Во стадионот, сите штандови за храна и пијалаци ќе работат од отворањето, а објектот функционира целосно без готовина.
За лица во инвалидска количка обезбеден е посебен страничен влез кај Gate 12.
Забранети се пиротехника, професионални камери, внесување храна и пијалаци и големи торби. Дозволени се мали торби по проверка и знамиња до 2×1 метар без навредлива содржина.
Од ФФМ предупредуваат дека употребата на пиротехника во околината или во стадионот може да доведе до апсење и забрана за влез. Лица во алкохолизирана состојба нема да бидат пуштени на трибините.
