ВАЖНИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САУДИСКА АРАБИЈА Најстрого е забрането снимање и објавување видеа од нападите
Амбасадата на Македонија во Абу Даби упати итно предупредување до македонските државјани кои престојуваат во Саудиска Арабија, особено во Ријад, поради влошената безбедносна состојба и серијата ракетни напади и напади со беспилотни летала.
Амбасадата апелира до сите наши државјани кои престојуваат таму на максимална будност, внимателност и следење на безбедносните протоколи. Се бара строго да се почитуваат официјалните упатства од Дирекцијата за цивилна заштита (Saudi Civil Defence) и од Министерството за внатрешни работи на КСА.
„Штом се активира безбедносна вонредна тревога или сирена, веднаш влезете во затворен простор (куќа/објект) и останете подалеку од прозорци и стакла. Избегнувајте јавни собири, воени објекти и пограничниот појас со Јемен. Чувајте ги телефоните полни и погрижете се уредите да бидат чисти од какви било контроверзни содржини. Според законите во КСА, строго е забрането фотографирање, снимање или споделување видеа од нападите. Локалните власти строго казнуваат за вакви објави на социјалните мрежи. Секакви сомнителни објекти или паднати остатоци веднаш пријавете ги преку саудиската апликација Tawakkalna“, се наведува во соопштението од Амбасадата.
Иако авиосообраќајот се рестартира, можни се чести вонредни одложувања. Генералната управа за цивилно воздухопловство (GACA) препорачува задолжително да ја контактирате вашата авиокомпанија за статусот на летот пред воопшто да тргнете кон меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад. Редовните летови сè уште функционираат со повремени откажувања и може да се користат за евакуација.
За какви било итни потреби и асистенција, веднаш контактирајте го дежурниот број на Амбасадата на РС Македонија во Абу Даби:
+971 56 441 7532 (мобилен телефон).
.
Извор: plusinfo.mk