
Светска трка за критични минерали: По Трамп и Путин ја засилува експлоатацијата — што значи ова за регионот?
Владимир Путин официјално му наложи на кабинетот да подготви национален план за ископ на ретки земни минерали до почетокот на декември, стои во новиот сет задачи објавен од Кремљ. Овие минерали, неопходни за електроника, електрични автомобили и напредни одбранбени технологии, стануваат една од најважните стоки во современата меѓународна економија.
Русија претходно се обидуваше да гради партнерство со САД на проектите поврзани со ретките метали, но дипломатските напори пропаднаа заради војната во Украина. Истовремено, администрацијата на Доналд Трамп ја ажурираше листата на критични минерали и овозможи забрзано отворање на нови рудници низ Америка — потег што дополнително го поттикна глобалното натпреварување за ресурси.
Дополнително, поради зависноста од увоз од Кина,Трамп претходно потпиша договор и со австралиските власти за снабдување со критични метали, како што сега се и литиумот, бакарот, никелот и други. Според договорот тежок 8,5 милијарди евра, и САД и Австралија ќе инвестираат по една милијарда долари во текот на следните шест месеци во проекти за рударство и преработка што ќе бидат веднаш достапни. Средствата ќе бидат насочени кон проекти поделени во три категории: заеднички инвестиции меѓу двете земји, индивидуални проекти во Австралија и трилатерални иницијативи што ќе ги вклучуваат и Јапонија.
Веднаш по Трамп, ваквиот пример одлучи да го следи и Европската Унија. Европската инвестициска банка и австралиската влада во заедничко соопштение истакнаа дека ќе ја продлабочат соработката за критичните суровини. Според пишувањата на Ројтерс, западните сили се обидуваат да ја намалат својата зависност од Кина, а европски претставници и извори од индустријата велат дека финансирањето останува клучна пречка во напорите на Унијата да ги обезбеди своите синџири на снабдување со стратешки минерали. Поради тоа, Европската Комисија ќе претстави широк пакет мерки за економска безбедност на 3 декември.
„Оваа декларација е првиот чекор кон овозможување на ЕИБ да го поддржи финансирањето на проекти за критични минерали во Австралија. Декларацијата ја унапредува постојната соработка меѓу Австралија и ЕУ низ целиот синџир на критични суровини – од истражување и екстракција до преработка, рециклирање и иновации“, пишува во соопштението на ЕУ и Австралија.
Во меѓувреме полека се приближува крајот на конкурсот за нови рудници на европско тло, откако Унијата претходно во првиот повик поддржа 47 проекти за ископ на најразлични руди по забрзана процедура. Наскоро со сопствена стратегија се очекува да настапи и официјален Лондон. Освен ЕУ, во трката по руди неодамна се приклучи и Турција, која идентификувала 694 милиони тони на ретки земни елементи. Покрај во Турција, големи проекти има во повеќе балкански држави, како што се Грција, Бугарија, Србија, како и во Романија која целосно се усогласи со Директивата на ЕУ за барање на критични минерални суровини и наскоро ќе го отвори најголемиот рудник за бакар на Балканот – „Долина Ровина“.
Македонските експерти, преку нацрт Стратегијата за минерални суровини веќе укажаа земјата да се придржува до европската политики за критичните минерални суровини. Пред само еден месец, на средба во Лондон со претставници на британски рударски компании, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска нагласи дека Владата е посветена на тоа Македонија да биде партнер на сериозни и одговорни компании, кои работат според европски стандарди.
„Нашата визија е јасна – да ја изградиме Македонија како регионален пример за балансиран развој на енергетиката и рударството, каде што економскиот раст оди рака под рака со заштитата на животната средина и благосостојбата на заедниците,“ додаде министерката Божиновска.
Од критичните минерали по кои трага Европа и светот, познато е дека Македонија лежи на огромно количество на бакар, а има и антимон, никел и други минерали. Можност за отворање на рудници кои ќе би работеле по сите европски безбедносни стандарди и со употреба на нови технологии се очекува да се отвори по усвојувањето на новата законска регулатива во областа, односно со законите за рударство и за геологија.
