
Србија да ја повика Русија да престане со агресијата, како што ние направивме во 1999 година, бара Украина
Украинската амбасада во Белград информира дека Украинците би сакале на веб-страницата на Собранието на Србија да го видат повикот до Русија да ја прекине агресијата врз таа земја, слична на онаа што ја објави Парламентот во Киев за време на бомбардирањето на СР Југославија, јави дописникот на МИА од Белград.
Во соопштението по повод Денот на украинската државност, кој се слави на 28 јули, амбасадата наведува дека Украина во 1999 година „гласно го повика светот“ да престане со бомбардирањето на СР Југославија, и преку соопштение на веб-страницата на Парламентот, Врховната Рада.
„Обраќањето на Врховната Рада на Украина по тој повод беше објавено на веб-страницата на нашиот Парламент. Дали Украинците би сакале да видат слично обраќање за поддршка на Украина на веб-страницата на Парламентот на Србија? Да. А, дали навистина ќе го видат е прашање на нашите српски партнери“, соопштија од украинската амбасада.
Амбасадата наведува и дека оваа година Денот на украинската државност за последен пат ќе се слави на 28 јули, а од следната година ќе биде на 15 јули, поради преминот на сметање на времето на Православната црква на Украина и Украинската грчко-католичка црква на новојулијанскиот календар. Русија лани на 24 февруари ја почна инвазијата на Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека победата на Украина сега ќе го одреди патот на нацијата за генерациите што доаѓаат и ќе ја докаже исправноста на вредностите основани пред илјада години.
фото принтскрин
