
Слабо заштитени, но бескрајно важни: Овие кабли се „Ахиловата пета“ на светот
Сè почеста е САБОТАЖАТА на подморничките кабли, преку кои поминува околу 95 отсто од глобалниот сообраќај на податоци. Каде одат тие кабли? На кого му припаѓаат? Како би можеле да бидат подобро заштитени? Го пренесуваме текстот на Дојче веле.
Саботажата на подморските кабли, за кои постои сомневање дека е извршена од руската „флота во сенка“ или „темна флота“, ја доведе глобалната комуникациска инфраструктура во центарот на вниманието. Основата на телекомуникациите во светот е слабо заштитена од намерно уништување.
Какви подморнички кабли има?
Меѓу важните подморски кабли се каблите со директна струја (HVDC) со висок напон, кои пренесуваат електрична енергија на долги растојанија, на пример до острови или за поврзување на турбини на ветер на брегот. Тие се поефикасни од AC системите.
Телекомуникациските кабли се состојат од оптички влакна и носат околу 95 отсто од глобалниот сообраќај на податоци, вклучувајќи интернет и телефонски повици. Ова се случува со минимални доцнења на сигналот: отворањето на веб-локација од Европа во САД трае околу 60 милисекунди, што е отприлика времето потребно за да трепне окото.
Покрај тоа, постојат специјални кабли за пренос на податоци помеѓу центри за податоци или големи мрежни центри, како и високо заштитени специјални кабли за воени комуникации или истражување.
Зошто сателитите не се алтернатива?
Само мал дел од меѓународната комуникација се одвива преку сателит. Имено, подморските кабли можат да пренесат многу повеќе податоци по пониски трошоци. Покрај тоа, сателитските врски се побавни и поподложни на пречки.
Сепак, САД и ЕУ инвестираат во сателитски технологии како Starlink и програмата IRIS (Инфраструктура за отпорност, интерконекција и безбедност преку сателит) за да создадат побезбедни, алтернативни комуникациски канали.
