ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО ОСПОРИ ВЕШТАКОТ НА ГАЗДА ДЕКО, БИЛ ОБВИНЕТ ЗА ЛАЖЕН ИСКАЗ Вештакот Русевски смета дека тоа не е пречка за процесот за „Пулс“
Вештакот Петре Русески, ангажиран од одбраната во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на денешното рочиште рече дека не смета дека постои основ за негово изземање, откако Обвинителството откри дека е обвинет за давање лажен исказ во друг предмет.
Во продолжението на вкрстеното испитување, Русески остана на ставот дека од градежен аспект објектот одговорил на својата намена и дека изведените зафати претставувале градежно-занаетчиски работи. Овој вештак го изработи градежното вештачење за одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов и за двајца други обвинети.
Обвинителката Наташа Сарамандова на почетокот на рочиштето побара од вештакот Русески, да одговори дали смета дека има основ за негово изземање. Таа укажуваа дека Јавното обвинителство пред да ангажира вешто лице прави проверки дали против него се води постапка или било осудувано и очекува тоа да го прават и другите странки во постапката.
Обвинителството посочи дека Русески на барање на обвинетите Николчо Коцев и Љупчо Стаменков има изработено вештачење во кое учествувала и е потпишана и Василка Каевска.
– Дали Василка Каевска, заедно со Николчо Коцев и Мирослав Грчев, покрај Вас, сте изготвувале правни вештачења и за „Инкс Дрим“ АД Струга, произнесувајќи се на материја за која сте ангажирани да вештачите и во овој предмет – праша обвинителката.
Русески одговори потврдно.
– Да, така е. Сите работиме под закон… Инаку 11 вештаци се обвинети за лажен исказ, врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што 2 години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен – изјави вештакот.
Русески потоа појасни дека вештите лица Василка Каевска, како вештак од областа на архитектурата, работела со него „за полесно да одговориме на прашањата поставени од барателите“, а вештото лице Инает Ертани, геодет, бил консултант „повеќе како советодавна улога“.
Одбраната реагираше на ваквиот начин на поставување прашања, посочувајќи дека Обвинителството продолжува со малтретирање и навреда на вештакот затоа што „не располагала со прашања што ќе ги поткрепат своите наводи“.
Потоа јавниот обвинител Дарко Јакимовски продолжи со вкрстени прашања за вештакот Русески и му укажа на дел од неговото вештачење каде вели дека „се задоволени основните минимално-технички услови во објектот, дека се обавува угостителска дејност кабаре, дека се врши лесна интервенција со преградни ѕидови“, а во друг дел вели „во однос на целосната противпожарна функционалност, евакуацијата, електричната инсталација, машинската вентилација, паничното осветлување, минимално-техничките услови и другите потребни безбедносни услови… потребна е оценка од соодветни овластени стручни лица или надлежни органи од тие области. Ова мислење се ограничува на градежно – архитектонскиот аспект на објектот“.
Вештакот Русески ги потврди ваквите ставови, одговарајќи „да, така е наведено“.
– Што се однесува до тоа дали конструкцијата имала влијание врз пожарот, реков треба да се испита дали материјалите го ширеле пожарот и како градбата регирала… од мој градежен аспект објектот и материјалите во него не придонел и не била надмината неговата противпожарна околност и целосно одговорил на својата намена. Од градежен аспект нема последици на пожарот – изјави вештакот.
На прашање дали внатрешното уредување и организација на внатрешниот простор, исто така е градежен аспект, сведокот рече, „тоа рековме се градежно-занаетчиски работи“.
– Во смисла на зборот адаптација се согласувам со професорката Мирјана дека нема адаптација. Дефинитивно нема реконструкција од градежен аспект, нема промена во деловниот простор и дефинитивно се градежно-занаетчиски работи на внатрешно ентериерно уредување на просторот – рече вештакот.
На укажување од Обвинителството дека Законот за градење не познава термин „градежно-занаетчиски работи“, вештакот рече дека „градежно-занаетчиските работи не се дефинирани во Законот за градење затоа што за нив не е потребно одобрение, овластување и лиценци, а инаку за секој предмет тие се неопходни и се користат“.
Судењето за пожарот во „Пулс“ во Кочани продолжува во судницата на Кривичниот суд во Идризово со изведување докази предложени од одбраната.
Пожарот во дискотеката се случи на 16 март 2025 година за време на концерт на групата ДНК. Загинаа 63 луѓе, а 222 беа повредени.
.
Извор: plusinfo.mk