РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ СЀ ПОВЕЌЕ НАЛИКУВА НА СЕКТА „Разговори во 12:05“ револтирани од изјавите на Јовица Радески
Раководството на СДСМ сѐ повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото – „сите други се виновни за поразите, само Венко Филипче не носи одговорност за ништо“ – се вели во соопштението на Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ објавено како реакција на, како што се наведува, „денешните паушални обвинувања изнесени на принудна прес-конференција на другарот Јовица Радески“.
„Денеска го принудиле другарот Јовица Радески да излезе на прес конференција само затоа што му честитавме за неговиот достоинствен настап на изборите. Барале од него да им ја докажува лојалноста. Му се извинуваме за тоа што денес мораше јавно да се срами а приватно да се извинува.
Јавно го повикуваме раководството да излезе со барем едно име и презиме кое припаѓа на „Разговорите за иднината во 12:05“ кое наводно вршело агитација против кандидатот на СДСМ во Брвеница.
Конечно, доколку од „Разговори за иднината во 12:05” зависи дали кандидатите на СДСМ победуваат, тогаш ова дезориентирано партиско раководство самото признава дека мора да си замине. Ниту една принудна прес-конференција не може да ја покрие вистината дека Венко Филипче е полномошникот за највалканиот политички дил во последните 35 години. Чесното членство сѐ помасовно се срами што актуелното раководство му слугува на Христијан Мицкоски“ – се вели во соопштението на „Разговори за иднината во 12:05“.
Кандидатот за градоначалник на СДСМ во Брвеница, Јовица Радески, денеска на прес-конференција обвини дека луѓето од Платформата „12.05“ работеле против него и неговата партијата на изборите во неделата. И дека дури повикувале да не се излегува на гласање. Тој рече и дека ЗНАМ и Левица гласале за ВМРО и дека таквото однесување му наштетува на СДСМ.
.
Извор: plusinfo.mk