ПО РАСПРАВИЈА ПРЕКУ АПЛИКАЦИЈА СЕ СРЕТНАЛЕ НА ОБИКОЛНИЦАТА, ПА ПУКАЛ ВО ШКРИЈЕЉ Обвинителството бара притвор за осомничениот за убиството кај Смилковци
Расправија преку телефонска апликација, средба на скопската обиколница и еден истрел што завршил фатално – ова е реконструкцијата на убиството на Един Шкријељ, што ја соопшти Основното јавно обвинителство Скопје. Според истрагата, 38-годишниот осомничен дошол со автомобил на клучката кај Смилковско Езеро, се паркирал спроти возилото на Шкријељ, а потоа, по расправијата што продолжила на местото, извадил пиштол и пукал во него.
Обвинителството соопшти дека осомничениот го погодил Шкријељ во левата нога, во пределот на феморалната артерија. Поради големата загуба на крв, 38-годишниот маж починал на самото место.
Според деталите од истрагата, настанот се случил утрото на 21 ноември, на скопската обиколница, кај клучката во близина на Смилковското Езеро. Расправијата меѓу двајцата најпрво се одвивала преку телефонска апликација, по што осомничениот со автомобил се упатил кон локацијата на која се наоѓал Шкријељ.
Откако се паркирал спроти неговото возило, двајцата излегле и продолжиле да се расправаат. Во еден момент, според обвинителството, осомничениот извадил пиштол и испукал кон Шкријељ.
По пукањето, осомничениот избегал со автомобилот во правец на селото Сингелиќ. На патот, според истрагата, се ослободил и од оружјето со кое било извршено убиството.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишникот за кривично дело „Убиство“ од член 123 став 1 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомничениот.
Един Шкријељ беше пронајден мртов на 21 ноември на скопската обиколница „Мајка Тереза“, во близина на клучката кај Смилковци и Смилковското Езеро. Случајот во СВР Скопје бил пријавен во 6:15 часот, по што полициски екипи излегле на местото на настанот. При увидот била забележана прострелна повреда во пределот на ногата, а во близина на телото било пронајдено и возилото „мерцедес“ што го управувал починатиот.
Првично, МВР соопшти дека се истражуваат околностите под кои починал мажот, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на 23 ноември потврди дека случајот е класифициран како убиство, но дека истрагата сè уште е во почетна фаза. Во меѓувреме, истражителите ги проверувале снимките од камерите на системот „Безбеден град“ поставени долж обиколницата, како и телефонските комуникации на жртвата.
На 26 ноември полицијата го приведе 38-годишниот Б.Ј. од Скопје, осомничен за убиството. Од МВР соопштија дека при службениот разговор тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело. Денеска, по координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против него беше поднесена кривична пријава по брза постапка за убиство.
Со најновото соопштение, обвинителството ги обелодени и досега непознатите детали за тоа како дошло до пукањето, како и движењето на осомничениот по нападот. Сега судијата на претходна постапка треба да одлучи по предлогот на обвинителството за определување притвор.
РАСЧИСТЕНО УБИСТВОТО КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО Убиецот во полиција објаснил како го сторил делото
.
Извор: plusinfo.mk