ПОЧНА АКЦИЈАТА ЗА КРАВИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА Седум институции треба да го решат проблемот
Институциите почнаа со оперативното спроведување на Акцискиот план за заловување и згрижување на говедата што неконтролирано се движат низ Крива Паланка и околните населени места. На денешниот состанок на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа утврдени конкретните активности, потребните ресурси и задолженијата на институциите вклучени во операцијата.
Следниот чекор е мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот. Ќе се утврдуваат неговата бројност, распространетоста на стадата и пристапноста на теренот, по што ќе се организираат заловувањето, ветеринарно-здравствената контрола и транспортот на животните.
Акцискиот план се однесува на говедата за кои веќе постојат правосилни решенија за одземање. Во почетната фаза е предвидено одземениот добиток да биде предаден на Казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп. Се разгледува и можноста дел од животните, во согласност со законските прописи, да им бидат отстапени на здруженија на сточари и млади сточари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски вели дека со воспоставувањето на Координативниот штаб се создаваат услови за системско решавање на проблемот, кој со години ги засега жителите на Крива Паланка.
– Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски – истакна Серафимовски.
Во реализацијата се вклучени Министерството за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.
АХВ ќе биде задолжена за заловување и одземање на говедата, Агенцијата за управување со одземен имот за нивното преземање, транспорт и сместување, додека МВР ќе обезбедува полициска асистенција. ЦУК ќе ја координира операцијата, Дирекцијата за заштита и спасување ќе обезбеди логистичка, техничка и кадровска поддршка, а Бирото за процена ќе ја утврдува вредноста на одземените животни.
Повеќе од 15 години проблеми, над 1.000 говеда и 104 пријави
Проблемот со говедата во Крива Паланка не е од вчера. Според жителите на засегнатите села, неконтролираното движење на стадата трае повеќе од 15 години. Животните влегуваат во ниви, дворови и земјоделски површини, ги уништуваат посевите, а нивното движење по улиците создава ризици и за сообраќајот.
Во последните години проблемот дополнително ескалираше. Според процените на локалните власти, низ Крива Паланка и околните села се движат околу 1.000 грла крупен добиток. Пред три години, според објавените информации, бројката била околу 600.
Агенцијата за храна и ветеринарство на 18 ноември соопшти дека дотогаш биле заловени 96 говеда. Од АХВ како пречки ги посочија непристапниот терен и опструкциите од поранешните сопственици. Сепак, заловувањето на дел од животните не го реши проблемот, бидејќи голем број говеда и натаму се движат неконтролирано.
Случајот е поврзан со семејството Ѓорѓиевски, кое претходно било сопственик на добитокот. Иако за животните биле донесени решенија за одземање, нивното спроведување на терен се соочуваше со проблеми. Против поранешниот сопственик и неговите две ќерки минатата година бил поднесен обвинителен предлог за спречување службено лице во вршење службено дејствие, откако, според обвинителството, со сила и сериозни закани спречиле инспектори на АХВ и полицајци да постапат по решението за одземање на добитокот. Судската постапка во Крива Паланка сè уште нема конечна пресуда.
Колку ескалирал конфликтот покажуваат и податоците од полицијата. Во ОВР Крива Паланка досега се евидентирани вкупно 104 пријави поврзани со семејството. Од нив, 43 се однесуваат на упатени лица, 18 се поплаки, шест се за нарушување на јавниот ред и мир, 16 се за кривични дела што се гонат по приватна тужба, а 21 за кривични дела што се гонат по службена должност. Меѓу пријавените дела се оштетување туѓи предмети, загрозување на сигурноста, спречување службено лице во вршење службени дејствија, насилство и лажно пријавување.
Последниот посериозен инцидент беше пријавен на 21 ноември, кога 67-годишна жена од селото Дрење пријавила дека била физички нападната поради недоразбирање околу штетите што ги предизвикувале кравите. Жената се здобила со тешки телесни повреди, меѓу кои и скршеница. МВР ги евидентирало пријавените лица, а случајот доби и кривично-правна разврска.
Во меѓувреме, жителите организираа протести и бараа институциите да преземат мерки. Општината побара и прогласување кризна состојба, а градоначалникот Сашко Митовски повеќепати предупредуваше дека локалната самоуправа не може сама да го реши проблемот.
По усвојувањето на владиниот Акциски план, протестите беа ставени во мирување за да им се даде простор на институциите да постапат. Сепак, остануваат отворени две важни прашања: дали ќе бидат опфатени сите говеда што предизвикуваат проблеми, а не само оние со правосилни решенија за одземање, и дали граѓаните ќе добијат надомест за штетите што ги претрпеле.
Сега од институциите се очекува најавите да ги претворат во конкретни теренски активности и конечно да обезбедат трајно решение за проблемот што со години ги оптоварува жителите на Крива Паланка.
.
Извор: plusinfo.mk
