
Плата до 6.500 евра, бесплатен оброк и бакшиш, но повторно нема доволно работници
Има објекти кои поради недостиг од вработени се принудени да го скратат работното време, да затвораат во одредени денови или да ја ограничат понудата на менито
Во германските ресторани и хотели моментално недостигаат повеќе од 65.000 работници, објави угостителското здружение Дехога. Недостигот од вработени, според анкетите што се прават на месечно ниво, е постојан.
– Федералната агенција за труд пријави 33.160 слободни работни места во угостителството за месец јуни. Сепак, претпоставуваме дека реалната побарувачка е најмалку двојно поголема, бидејќи многу компании повеќе не ги пријавуваат своите слободни работни места – вели Сандра Варден, експерт за пазарот на труд од здружението Дехога, пишува Пословни дневник.
Варден посочи на бројки од јуни 2019 година, кога беа пријавени речиси 40.000 слободни работни места.
– Особено сега во сезоната на годишни одмори и зголемениот интерес за туристичките дестинации, потребата продолжува да расте – рече таа.
Во меѓувреме, гастрономскиот бизнис се справи со ситуацијата најдобро што можеше.
– Има објекти кои поради недостиг на вработени се принудени да го скратат работното време, да затвораат во одредени денови или да ја ограничат понудата во менито – вели тој.
Некои ресторани почнаа да воведуваат самопослужување. Дехога се надева дека ефектите од законот за квалификувана работна сила од странство брзо ќе се почувствуваат и дека странците полесно ќе можат да најдат работа.
Дополнително, здружението повика на кампања за обука за повеќе вештини и повеќе да се вреднуваат практичните професии и вештини.
Во угостителството просечните плати се движат од 2.000 до 3.000 евра.
Во просек, келнерите заработуваат до 3.750 евра, готвачите до 6.500 евра, пекарите до 4.000 евра, а рецепционерите 1.700 евра.
Работниците во угостителството често добиваат бакшиш и бесплатен оброк во текот на работното време, а има и поволности како што се флексибилно работно време и можности за напредување во кариерата.
