
Пакистан предупреди претходно: Индија планира напад
Тензиите меѓу Индија и Пакистан се зголемија откако 26 лица, претежно туристи од Индија, беа убиени во вооружен напад во индискиот дел на Кашмир, во близина на градот Пахалгам, кон крајот на април.
Индија го обвинува Пакистан за нападот, додека Исламабад ги отфрла обвинувањата.
Пакистанскиот министер за информации Атаулах Тарар предупреди на она што тој го нарекува веродостојни разузнавачки информации дека Индија планира воен удар. Ова беше објавено на 1 мај, а се чини дека сега се оствари бидејќи Индија го нападна Пакистан вечерва.
Имено, индиската влада вечерва објави дека нападнала девет цели во Пакистан и пакистанскиот дел од Кашмир, јавуваат агенциите. Пакистанската војска потврди дека биле погодени три локации.
Односите меѓу Индија и Пакистан се влошија по смртоносниот напад на милитанти врз туристи во Кашмир минатиот месец.
Индија го обвинува Пакистан за поддршка на прекуграничниот тероризам, обвинение кое Исламабад го негира.
Што се случи во април?
На 22 април, исламистички милитанти отворија оган врз туристи на индиската територија Џаму и Кашмир, при што убија најмалку 26 лица, а повредија најмалку 17 други.
И Индија, каде што мнозинството жители се Хинду, и исламски Пакистан тврдат дека е дел од Кашмир, при што секоја земја контролира само дел од планинскиот регион.
