„ОСТАВЕТЕ МЕ НА МИРА ДА МОЖАМ СЛОБОДНО ДА СЕ ЛЕКУВАМ“ Ива Михаилова по објавените разговори дека е под притисок на бугарската тајна полиција
Ива Михаилова, девојката од Македонија која побегна во Бугарија за да избегне судење, се огласи со објава на Фејсбук, откако бугарскиот новинар Станислав Цанов на Јутјуб објави тајно снимени разговори со неа, во кои таа му раскажува дека е под притисок од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС).
„Благодарам на сите што ми пишувате и се грижите за мене. Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Овде добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката на целиот бугарски народ и таа ми дава сила секој ден.
Не сакам да бидам дел од политички расправии и повеќе нема да коментирам на оваа тема. За мене најважно во моментов е целосно да закрепнам. Се лекувам и правам сè што е во моја моќ за повторно нормално да можам да стојам на нозе. Ве молам, оставете ме на мира за да можам спокојно да се лекувам“ – напиша Михаилова.
Во разговорите, меѓудругото Михаилова вели дека не можа да гостува во емисија на Цанов, затоа што ДАНС ѝ кажува да настапува само кај новинари што се под нивна контрола, а во спротивно, како што вели, тие можат да го саботираат нејзиното лекување, кое е скапо и компликувано.
Михаилова пребегна во Бугарија, иако имаше судска забрана да ја напушта Македонија. Во Основниот суд во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајната несреќа на патот Штип – Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши.
.
Извор: plusinfo.mk
МИХАИЛОВА ОТКРИВА ДЕКА Е УЦЕНЕТА ОД БУГАРСКАТА ТАЈНА СЛУЖБА И ПОД ПСИХОЛОШКИ ПРИТИСОК! Бугарски новинар објави шокантни тајно снимени разговори со неа