ОПОЗИЦИЈАТА РАБОТИ ПРОТИВ ДРЖАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ Василевска со обвинувања за политиките на СДСМ
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека користи застарени пропагандни методи и дека не ги слуша сопствените членови. Според неа, изборните резултати во Скопје и во Брвеница се сигнал дека членството не ги поддржува политиките на своето раководство.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, во гостувањето во емисијата „Колегиум“ на телевизија „Алфа“ упати остри критики кон политичкото дејствување на опозицијата, обвинувајќи ја дека користи застарени пропагандни методи и дека не ги застапува интересите на македонските граѓани.
Осврнувајќи се на политичките пораки и реториката на опозицискиот лидер во Собранието, Василевска оцени дека зад неговите настапи стои начин на политичка комуникација што, според неа, одамна е надминат.
– Денеска со овој начин на политичко адресирање на сопствените пораки и политики, лидерот на опозицијата конкретно денес уште еднаш потврди дека гебелсовиот ПР од петтата колона којшто стои зад него и зад целата оваа оркестрација и градењето на неговата политичка номенклатура е комплетно застарен, сè уште аналоген – рече Василевска.
Таа ја обвини опозицијата дека во своето политичко дејствување се води од интереси што ги оцени како спротивни на државните, наместо да ги става во преден план потребите на граѓаните.
Според Василевска, зад ваквите политички настапи стојат влијателни групи што, како што рече, и во минатото имале значајно влијание врз одлуките во државата.
– Ако земете дека инспираторите на таквите додавки или придавки се истите оние коишто продаваа со големи дивиденди државни добра и работеа да се создаде една сива еминенција во општеството, тоа е онаа озлогласена олигархија којашто никој не ја почитува и сака од граѓаните, но има свои пипци и успева да продре во секој еден политички субјект и да создава политички фигури или да ги брише – изјави Василевска.
Таа оцени дека, според неа, станува збор за групација што во минатото ги имала во свои раце клучните одлуки во државата и дека повеќе ѝ одговарало да биде сервилна кон помоќните странски фактори отколку да ги застапува интересите на македонските граѓани.
Василевска се осврна и на изборните резултати во Скопје и во Брвеница, оценувајќи дека тие испраќаат порака за односот на членството кон политиките на опозициското раководство.
– Уште минатата година на локалните избори истиот резултат им се случи и во Скопје, истото тоа се случи сега и во Брвеница, тоа е сигнал дека нивното членство не верува во нивните политики и не ги одобрува нивните политики. Сè што правите, доколку не го слушате своето членство, ако не сте секојдневно со нив, вие не можете легитимно да ги застапувате – порача Василевска.
Според неа, политичкото раководство не може легитимно да ги застапува сопствените членови доколку не ги слуша нивните ставови и не е во постојан контакт со нив.
.
Извор: plusinfo.mk