Skip to content
Novina.mk Novina.mk
  • Следетене
  • ПОЧЕТНА
  • МАКЕДОНИЈА
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • Video
  • МАГАЗИН
Nova.mk (2)
  • Последни
 НЕОДРЖЛИВАТА СТРАТЕГИЈА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“ ДВОЈНО ВИКТИМИЗИРА До кога ќе се тера инает со обвинителниот акт, кој на семејствата на жртвите без основа им ветува брза и лажна правда?
Македонија

НЕОДРЖЛИВАТА СТРАТЕГИЈА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“ ДВОЈНО ВИКТИМИЗИРА До кога ќе се тера инает со обвинителниот акт, кој на семејствата на жртвите без основа им ветува брза и лажна правда?

09/02/2026

AA

Судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, трагедија која однесе 63 млади животи, иако се уште е во рана фаза, веќе ги разоткри системските пукнатини во стратегијата на обвинителството. Слушајќи ги и анализирајќи ги исказите на сведоците на Обвинителството – кои, патем речено, самите многу посериозно ја фокусираат судската расправа за причините на трагедијата одошто тој што ги предложил да сведочат – се сеќавам на една мисла од воведниот говор на адвокатот Петар Дангов, бранител за обвинетиот Шабан Салиу.

На самиот почеток на оваа судска рашомонијада, Дангов ќе рече: „Параболата вели, не барај сенка каде нема светлина, не барај вина каде постои празнина и не барај кривица каде има чистина“. И ќе предупреди дека на ваквите начела се темелат најфундаменталните основи на општиот дел од кривичното право и дека со постапувањето во спротивност со нив, кривичното право се претвора во алатка за прогон на невини жртви.

Обвинителниот акт се темели на злоупотреба на болката на семејствата на загинатите и на повредените

Уште пред да се појави обвинителниот акт, во јавни настапи предупредував дека обвинителниот акт ќе биде една голема манипулација со вистината. Така и се случи. Стратегијата на Обвинителството се состои во обидот, да го парафразирам Дангов, болката на семејствата на унесреќените да стане темел на обвинението, емоциите да се промовираат во докази, а трагедијата да се претстави како вина по себе. Обвинителниот акт е обид, преку конструирање нов и правно неодржлив кривично-правен институт заснован на поимите „долготраен каузален тек“ и „долгогодишен каузален процес“, да се дојде до лажна правда, преку злоупотреба на чувствата на луѓето, а не низ потрага по вистината.

Кој и да го обмислил обвинението, кој и да суфлирал и кој и да го пишувал – а по хиерархиска линија, најодговорен за тој процес е поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски – избрзано, невешто или со манипулативна намера се обидел да го задоволи јавниот гнев, преку создавање акт што наликува на рибарска мрежа фрлена широко, за да фати што повеќе „риби“. На обвинителна клупа седнаа 35 лица, вклучително и многу луѓе чија поврзаност со директната причина за пожарот е непостоечка во кривично-правна смисла.

Прашање на ден е кога родителите и блиските на жртвите, кои будно го следат процесот и досега своето незадоволство главно го насочуваат кон адвокатите на обвинетите, ќе сфатат дека се изманипулирани, не само со стратегијата на Обвинителството, туку и со лесно ветената брзина и острина на очекуваните драконски казни за сите обвинети. Самите сведоци – како на Обвинителството сега, така и на одбраната утре – бездруго ќе ја докажат бесмислата на основниот наратив на обвинителниот акт.

Таму каде што нема законска можност и надлежност, не може да има и одговорност

Тој процес на распаѓање на обвинението веќе почна. Правниот преседан востановен со одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за запирање на постапката против седум полициски службеници, стави акцент на потребата од преиспитување на целиот случај. Обвинителството сега е соочено со сопствената контрадикторност: ако полицаецот со право е амнестиран од вина, затоа што немал законска можност и надлежност да врши инспекциски надзор, тогаш секој обид за прогон на административни службеници, градоначалници или министри, од истата причина, станува правно неодржлив.

Како што ќе истакне адвокатот Петре Шилегов, ако полицаецот е ослободен поради немање надлежност за инспекција, истото начело мора да важи и за администрацијата која само врши проверка на формално-правна документација „на хартија“. Ниту еден од обвинетите административци немал инструмент да ја верификува фактичката состојба во објектот, ниту пак законот им дава надлежност за внатрешна контрола на реновирањата на објектот.

Сведоците веќе ги открија клучните причини за трагедијата, а тоа е добра основа вината да се индивидуализира

Ова лутање низ бирократските лавиринти станува уште поапсурдно кога ќе се земат предвид морничавите сведоштва кои јавно веже ги изнесоа клучните доказите за причините за трагедијата и за директната вина. Исказите на преживеаните недвосмислено ја исцртаа мапата на смртта, потврдувајќи дека објектот претрпел фатални внатрешни реконструкции „на своја рака“, кои никогаш не биле пријавени ниту одобрени.

Да потсетиме. Сведокот Петар Марковски откри дека по реновирањето, помошниот излез бил буквално покриен со сепариња и де-факто станал нефункционален како евакуациски пат. Она што требало да биде излез за спас, сведоците го опишаа како „излез за малолетници“: врата што се користела исклучиво за криење деца при полициски рации. Дополнително, плафонот бил спуштен и обложен со запалив сунѓер, што предизвикало пожарот да се прошири за неколку секунди по активирањето на пиротехниката. Овие внатрешни интервенции и реновирања биле направени без никакви дозволи, исто како и во швајцарскиот случај во Кран Монтана, каде сопственикот сам ја поставил звучната изолација, без стручен надзор.

Во овој контекст, компарацијата со случајот „Ле Констеласион“ во Швајцарија е лекција по правна воздржаност која македонското обвинителство ја пропушти. Швајцарското правосудство покажа неопходна храброст да биде „мразено“ заради зачувување на интегритетот на законот. Иако италијанската премиерка Мелони ја оцени одлуката за пуштање на сопственикот Жак Морети од притвор како „навреда“, швајцарските судии не попуштија, инсистирајќи дека притворот не е казна и дека кардинален принцип е обвинетиот да остане на слобода до пресудата. Швајцарското обвинителство не ја прифати картата на популизмот и одби да го обвини „системот“, туку се фокусираше на директните чинители: сопственикот и лицата кои непосредно ракувале со опасните материи.

Со теориите за „долгогодишен каузален процес“ и „соизвршителство“, дури и студент би паднал на испит

Наспроти ова, како што веќе рековме, македонскиот пристап не е ништо друго освен популистички обид да конструира обвинителен акт којшто ќе опфати што поголем број лица, чија непостоечка вина се брани со правно неодржливата теза за за некаков „долгогодишен каузален процес“ (кој во одделни случаи се протега на неверојатни 14 години пред трагичниот настан), при што дејствувањето на овие луѓе се објаснува како „соизвршителство“. Вака „поткован“ студент, би паднал на испит по Кривично право, а не пак обвинител!

Очигледно е дека процесот некој го замислил како како театарска претстава од бескрајно многу чинови (а секој чини најмалку 150.000 евра, како што предупреди Шилегов), предвидени за промоција на бесмислените тези на Обвинителството, кои од темел ќе ги урнат и словото и смислата на Законот, но и она малку што што остана вредно за почит од системот на правораздавање.

А тоа веќе не е само израз на правна неписменост, туку и доказ за една бездушна манипулација со болката на луѓето. Да повторам, прашање на ден е кога најзасегнатите во случајов, луѓето кои во пожарот ги изгубија најмилите, ќе сфатат дека жртвите и повредените се двојно виктимизирани со оваа стратегија на криење на вистинските виновници во толпата обвинети, во тезите за нивната „колективна вина“ и за „превентивна кривична одговорност“, како и со севкупното разводнување на процесот. А со вака поставениот обвинителен акт, уште сега е јасно дека судската постапка нема да доведе до исход во наредните три до четири години.

Македонското општество нема да може да ја прифати таквата должина на траење на судската постапка. Најмалку тоа ќе го прифатат и родителите на загинатите и на повредените.

Вистинската правда бара храброст да се лоцира индивидуалната вина на оној кој директно ја создал опасноста.

Во европската правна пракса, блокирањето на евакуациските излези и свесното вградување несоодветни материјали, се третираат како дејствија на директните чинители, а не како административни пропусти. Со ваков обем на докази за тоа како објектот бил физички претворен во смртоносна стапица, обвинителството има „на тацна“ сервиран случај за директна одговорност на сопственикот и на неговите соработници. Секое натамошно инсистирање на прогон на периферни административни фигури, само ќе го потврди горчливото сознание дека „брзата правда“, дизајнирана за смирување на толпата, најчесто е само неправда со друго име.

На потег сега е Јавното обвинителство. На чело на овој орган во моментов е вршителка на должност, но наскоро ќе се избере ново раководство, со силен мандат и одговорност да ја одбрани стручноста на својата професија. Првиот тест дали ќе се придвижиме во посакуваната насока ќе биде токму обвинителниот акт за трагедијата во Кочани. Нема правник што не знае дека актот, ваков каков што е, веќе и полураспаднат на самиот почеток на судењето, не може да опстане.

.

TACT.mk

Previous post
Next post
Последни Новини
Македонија

ДОЖД ЗА СТАРТ НА СЕДМИЦАТА, ДО ПЕТОК ПОСВЕЖО, ПА ПАК

20/09/2026
Македонија

ТЕЛО ПРОНАЈДЕНО НА 2.500 МЕТРИ НА ШАР ПЛАНИНА Полициски хеликоптер

20/09/2026
Македонија

ЛЕФКОВ НАЈАВИ КРИВИЧНА ЗА ЈОН ФРЧКОСКИ Го повика Обвинителството да

20/09/2026
Македонија

СЛУШНАЛ ВРЕСОЦИ И ТРГНАЛ ПО СИНОТ ВО КАЊОНОТ Таткото загина

20/09/2026
Македонија

ЗНАМ НЕ ВЛЕЗЕ ВО ВЛАДА ЗА ФОТЕЛЈИ Димитриевски даде отчет

20/09/2026
Македонија

СУДАР КАЈ „ТУЛАНАТА“ НА ПАТОТ БИТОЛА-ПРИЛЕП ОДНЕСЕ ЖИВОТ НА ТИНЕЈЏЕРКА

20/09/2026
Македонија

САКАЛ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД МАКЕДОНИЈА КАКО „ИТАЛИЈАНЕЦ“ Со себе имал

20/09/2026
Македонија

„TASK FORCE“ НА БЈБ ЧЕШЛА КРАЈ СТРУГА Во Радожда контролирале

20/09/2026
  • Економија 7905
  • Магазин 4842
  • Македонија 45694
  • Регион 3997
  • Свет 14
  • Спорт 4718
СЛИЧНИ НОВИНИ ЗА ВАС

ДОЖД ЗА СТАРТ НА СЕДМИЦАТА, ДО ПЕТОК ПОСВЕЖО, ПА ПАК ДОЖД До среда ќе дува

20/09/2026

Времето в понеделник, 20 септември, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има повремени

ТЕЛО ПРОНАЈДЕНО НА 2.500 МЕТРИ НА ШАР ПЛАНИНА Полициски хеликоптер го пренел по пријава од

20/09/2026

Граѓани околу 14.30 часот пријавиле дека на Шар Планина забележале лице кое не покажувало знаци на живот, по што била

ЛЕФКОВ НАЈАВИ КРИВИЧНА ЗА ЈОН ФРЧКОСКИ Го повика Обвинителството да ги испита фотките и изјавата

20/09/2026

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков најави дека денеска ќе поднесе кривична пријава против Јон Фрчкоски од СДСМ и непознати лица.

Novina.mk Novina.mk

©2022. All Rights Reserved.

Контакт
Privacy Policy