НЕ НОСАТ ШЛЕМОВИ АМА ШИБААТ НА СИТЕ СТРАНИ Казнети 10.411 возачи на тротинети, велосипеди, мопеди…
Вкупно 10.411 прекршоци, од кои 1.571 се однесуваат на електрични тротинети, 34 на велосипеди, а 8.806 на мопеди, мотоцикли и трицикли, констатирала полицијата во периодот од мај до август 2026 година.
Најголем број прекршоци, вкупно 7.303, се однесуваат на некористење заштитен шлем – кацига. Констатирани се и 718 прекршоци за управување по несоодветна површина, 401 за управување нерегистрирани возила и/или возила без полиса за осигурување и 322 за некористење рефлектирачки елек.
Евидентирани се 81 прекршок за управување од лице помладо од 18 години, 45 за управување под дејство на алкохол и 1.541 прекршок од друг вид.
Покрај прекршоците, во текот на акциските контроли откриени се и 619 кривични дела. Од нив, 604 се однесуваат на управување без возачка дозвола, 14 на управување под дејство на алкохол и едно на управување во забранет правец.
Одземени се вкупно 423 превозни средства, од кои 20 електрични тротинети и 403 мопеди, мотоцикли и трицикли.
– Апелираме до сите возачи ги почитуваат сообраќајните правила, да користат пропишана заштитна опрема, да не управуваат под дејство на алкохол и да не управуваат возила без исполнување на законските услови. Особено повикуваме на внимателност и одговорност кон пешаците и останатите учесници во сообраќајот – велат од МВР.
Министерството за внатрешни работи продолжува со зајакнатите сообраќајни контроли, со посебен акцент на прекршоците и однесувањата што ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Целта е навремено откривање и санкционирање на прекршувањата на прописите, спречување на сообраќајните незгоди и заштита на човечките животи.
.
Извор: plusinfo.mk