
Навални е префрлен од затворската колонија, не се знае каде се наоѓа
Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални е преместен од казнената колонија ИК-6 во Владимирската област, источно од Москва, и неговата моментална локација е непозната, изјавија неговите поддржувачи и сојузници во понеделникот.
Соработниците на Навални веќе извесно време се подготвуваат за негово евентуално префрлање во колонија со построг режим, откако тој во август беше осуден на дополнителни 19 години затвор, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Портпаролката на Навални Кира Џармиш изјави дека персоналот на казнената колонија ИК-6 во градот Мелехов го информирал неговиот адвокат дека опозицискиот лидер повеќе не е меѓу затворениците.
На социјалната платформа Х таа напиша дека „одбиваат да кажат каде го однеле“.
Процесот на преместување на затвореник со железница низ огромната територија на Русија може да трае со недели, а во меѓувреме, роднините и семејството не можат да добијат информации за тоа каде се наоѓа и состојбата на лицето додека не стигнат до нивната дестинација.
„Навални засолнет пред избори“
Од минатиот вторник адвокатите не можат да стапат во контакт со Навални.
Неговиот соработник Љубов Собол минатата недела изјави дека неговите поддржувачи стравуваат дека тој ќе биде преместен во нова затворска колонија и дека „тајмингот“ е поврзан со почетокот на кампањата за претседателските избори, во која Владимир Путин ќе бара уште еден шестгодишен мандат.
„Толку се плашат од Навални, човек кој е во затвор, човек чие право на кореспонденција е ограничено, кому не му е дозволено да се гледа со членовите на неговото семејство… што решија да го отстранат што подалеку од надворешниот свет. во моментот кога Путин има намера да оди по уште еден мандат за да … не би дал изјава“, рече Собол.
