📽️ МВР ДОБИ 33 НОВИ ПОЛИЦИСКИ МОТОЦИКЛИ И КОМПЛЕТНА ОПРЕМА Ќе се користат за поголема мобилност и побезбедни патишта
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, денеска присуствуваа на официјалното предавање на 33 нови полициски мотоцикли и комплетна заштитна опрема, обезбедени од РСБСП за потребите на Министерството за внатрешни работи.
Станува збор за 33 мотоцикли од марката „Piaggio Beverly 310 HPE“, во полициска изведба, и исто толку комплети мотоциклистичка опрема, кои вклучуваат заштитни кациги, јакни, панталони, чизми, како и летни и зимски ракавици.
Вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари, а новата опрема треба да придонесе за поголема мобилност, поефикасно регулирање на сообраќајот и подобри услови за работа на полициските службеници.
Тошковски истакна дека набавката е уште еден конкретен резултат од, како што рече, успешната соработка меѓу МВР и РСБСП, институции со заедничка цел – континуирано унапредување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви на патиштата.
– Денеска не зборуваме само за 33 нови мотоцикли и опрема, туку за дополнително зајакнување на капацитетите на сообраќајната полиција и за уште еден чекор кон побезбедни патишта. Ова е пример како треба да функционира меѓуинституционалната соработка – со конкретни проекти и резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат. Заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата продолжуваме да вложуваме во опрема, технологии и превенција, затоа што безбедноста на секој учесник во сообраќајот е наша заедничка одговорност – истакна Тошковски.
Тој нагласи дека модернизацијата на сообраќајната полиција е дел од поширокиот пристап на Министерството за унапредување на сообраќајната безбедност, во кој значајно место има и системот „Безбеден град“.
– Со проектот „Безбеден град“ веќе покажавме дека современите технологии, доследното спроведување на законите и одговорното однесување на граѓаните можат да донесат вистински промени во сообраќајната култура. Резултатите што ги бележиме во намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица ни даваат дополнителен мотив да продолжиме со уште поголем интензитет. Но, сакам да потенцирам нешто што е многу поважно од секоја статистика – зад секоја бројка стои човечки живот, нечие семејство, нечие дете, родител или пријател. Ако со сите овие мерки, со новата опрема, со „Безбеден град“ и со нашата секојдневна работа успееме да спасиме макар и еден човечки живот, тогаш секој вложен денар и секој вложен напор вределе. Тоа е суштината на нашата работа и најголемата мотивација да продолжиме – порача Тошковски.
Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, истакна дека Советот и оваа година, во рамките на своите законски надлежности, издвојува средства за модернизација и опремување на организациските единици на МВР задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот.
– Во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет и оваа година наменува дел од средствата за опремување на организациските единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола. Со набавката на 33 полициски мотоцикли и комплетна мотоциклистичка опрема, во вкупна вредност од 16.845.561 денари, значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање на сообраќајот и унапредување на безбедноста на патиштата. Овој пример уште еднаш ја потврдува вредноста на меѓуинституционалната соработка – истакна Ангеловски.
На крајот, Тошковски и Ангеловски ја потврдија заедничката определба за продолжување и продлабочување на соработката меѓу МВР и РСБСП преку нови инвестиции, превентивни активности и проекти насочени кон подигнување на сообраќајната култура.
Заедничката порака е дека безбедноста во сообраќајот не се постигнува со една мерка или една кампања, туку со постојана работа, современа опрема, ефикасна контрола и одговорност од сите учесници во сообраќајот.
Крајната цел, како што беше посочено, е помалку сообраќајни незгоди, помалку повредени и загинати и повеќе спасени човечки животи.
.
Извор: plusinfo.mk