„ПРОДАВАВ ПИПЕРКИ, ПА ПАРИЧКИТЕ ГИ ПИКАВ ВО ДУПЧЕТО“ Мајката на судијата Ристов тврди дека таа чувала 350.000 евра во ѕидот
Мајката на сега веќе разрешениот апелациски судија судијата Ѓоко Ристов, Донка Ристова, во чија куќа во Неготино беа најдени соѕидани 350.000 евра, на денешното судење во Кривичниот суд тврдеше дека парите се нејзини и на сопругот Здраве Ристов. Според Обвинителството, парите се на судијата Ристов, а потекнуваат од кривични дела, за што тој е обвинет за Противправно стекнување и прикривање имот и за Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според неа, пронајдените 350.000 евра се заштеда од повеќедецениска земјоделска работа, која ја чувале сокриена во дупка зад плочки во кујната. Ристова е сведок на одбраната.
Одговарајќи на прашањата на обвинителката Искра Хаџи Василевска, Ристова рече дека првиот претрес кај нив е извршен на 29 декември 2025 година, кога полицијата не пронашла ништо.
Вториот претрес е извршен во јануари 2026 година, додека таа била на лекување. Раскажа дека не можела да присуствува, па нејзиниот помлад син го однел сопругот во куќата во Неготино. При второто пребарување полицијата го пронашла местото на кое ги чувала парите.
– Тоа беше горе, во горната ниша, зад фрижидерот, зад работната маса. Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, туку од 1975 година и што ќе ми останеше некоја паричка, ќе ја отворев една плочка, како прозорче… Плочката беше залепена на четири места за да не падне. Се отвора како прозорче, ниту е ѕидано, ниту е кршено. Во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку. Таму имаше 350.000 евра – рече таа.
Тие ми беа гаранција за стари години, за сè, за тешки денови, додаде таа.
– Парите беа 250.000 евра по 50 евра, а другите 100.000 евра беа по 500 и по 100 евра. Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, сè имавме. Секаде по пазар одев, додека не почнавме да се занимаваме со лозје. Секаде сум била, госпоѓо судијке, сме биле до Горни Милановац, да ви кажувам ќе се чудите. Цела Македонија сме ја поминале додека да го оформиме лозјето, а потоа имавме голем добиток од лозјето, по 40 тони – сведочеше мајката на судијата Ристов.
Таа рече дека парите што ги заработувале од продажбата на земјоделските производи отпрвин ги менувале во германски марки, а подоцна во евра.
– Ако продавам во Прилеп црвен пипер, веднаш ќе купам марки, тогаш беа марки, па евра. И за да не бидат помали пари, ги претворавме во поголеми евра, да не фаќаат место. Не ги броев, но ќе ги пикнев во дупчето од циглите. Кога ќе се стеснеше, во друго – рече таа.
На прашање кој знаел за сокриената заштеда, одговори дека никој друг не знаел за парите, освен таа и сопругот.
Рече дека нејзиниот сопруг бил многу вреден и печалел. За да објасни колку работеле, Ристова рече и дека таа плетела и до два-три часот по полноќ.
– Човек кој е вреден и ноќе произведува пари – додаде таа.
Мајката Ристова рече дека последен пат ставала пари во скривницата пред околу 4 години, односно во периодот 2023–2024 година, кога имала здравствени проблеми.
Обвинителката ја праша зошто толкава сума пари не ја чувале во банка.
– Банката не гарантира повеќе. Цела банка ја затворија, луѓето се бесат. Службеници од банките си вадат пари од сметките на луѓето, нема никаква гаранција – одговори Ристова.
Таа откри и за што планирала да ја искористи заштедата.
– Планот ми беше да платам 100.000 евра за кревет во Геријатрија. За три години ние двајца ќе ги изедеме тие пари – рече Ристова.
За хартиените белешки пронајдени заедно со парите, објасни дека самата ги запишувала износите за да знае колку банкноти има во секое пакување.
Ристова рече и дека од децата никогаш не земала ниту денар.
На прашање на обвинителката одговори дека таа ја направила продажбата на нивата на фирма за фотоволтаици, но тие пари не ги ставила во ѕидот.
– Тоа ми беше клетва од татко ми, од недвижност пари да се вложат во недвижност – рече таа.
Обвининителката поентираше дека, покрај сумата која била во ѕидот, родителите на Ристов им помогнале и на двата сина да купат станови, на што Донка Ристова одговори потврдно.
На прашањето на судијката, зошто на фолијата во кои биле замотени парите била најдена ДНК и од нејзиниот син Ѓоко Ристов, таа одговори дека тоа не ѝ се верува, бидејќи парите биле нејзини.
Случајот против разрешениот апелациски судија Ѓоко Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, поранешен државен правобранител, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел да се укине притворот за Љупчо Пецов Ѓаволот. Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
На минатото рочиште Стафа беше сведок на одбраната и рече дека парите со кои бил фатен се адвокатска награда и дека никогаш не му дал пари на Ристов. Рече дека го признал делото зашто се плашел од поголема казна, како и дека во истрагата му било сугерирано да каже дека парите се за Ѓоко Ристов за да се спаси од кривична одговорност.
.
Извор: plusinfo.mk