МАЛИТЕ СИПАНИЦИ СЕ ЗАКАНА, ИЈЗ БАРА ПОГОЛЕМА ПРЕТПАЗЛИВОСТ Апел до сите што ја пропуштиле МРП вакцината
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги повика родителите да го проверат вакциналниот статус на своите деца и да се погрижат да ги примат двете дози од МРП вакцината, поради недоволниот опфат со имунизација во земјава и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните држави.
Од Институтот предупредуваат дека актуелната епидемиолошка состојба наметнува потреба од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки.
– Имајќи го предвид сè уште недоволниот опфат со МРП вакцината во нашата земја, како и актуелната епидемиолошка состојба и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните земји, укажуваме на потребата од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки – наведуваат од ИЈЗ во објава на официјалниот профил на „Фејсбук“.
Оттаму потсетуваат дека МРП вакцината штити од три заразни болести – мали сипаници, рубеола и паротит, односно заушки, и дека вакцинацијата е најефикасната мерка за спречување на нивното ширење.
Особено важно е децата да ги примат двете дози согласно националниот Календар за имунизација. Лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата треба да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза.
– Вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење во заедницата. Особено е важно децата да ги примат двете дози на МРП вакцината согласно календарот за имунизација, а лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза – порачуваат од Институтот.
Од ИЈЗ нагласуваат дека со навремената имунизација не се штити само здравјето на детето и неговото семејство, туку и здравјето на целата заедница.
– Заштитата на секое дете е важна. Со навремена вакцинација ги штитиме не само сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, туку и целата заедница – наведуваат од Институтот.
ИЈЗ ги повикува сите граѓани да не ја одложуваат вакцинацијата и да се обратат до најблискиот вакцинален пункт за проверка на вакциналниот статус, примање на пропуштената доза и дополнителни информации.
.
Извор: plusinfo.mk