УАПСЕН ТУРЧИН БАРАН ЗА УБИСТВО ВО МАКЕДОНИЈА Полицијата го фати на границата меѓу Албанија и Косово
Триесет и едногодишен турски државјанин, баран со меѓународна потерница поради сомнение за вмешаност во убиство во Македонија, е уапсен на граничниот премин Морина, меѓу Албанија и Косово. По неговото приведување, албанските власти започнале постапка за негова екстрадиција во земјава.
Според информациите објавени од албанските медиуми, станува збор за маж со иницијали Б. К., кој бил идентификуван и уапсен од припадници на граничната полиција во Морина, во координација со Интерпол Тирана.
При проверката на неговите податоци било утврдено дека македонските власти распишале меѓународна потерница по него поради сомнение за учество во убиство. Потрагата била покрената врз основа на наредба од Основното јавно обвинителство Скопје, издадена на 27 октомври годинава.
По апсењето, случајот го презеле истражителите за тешки кривични дела при Полициската управа во Кукс, кои ги започнале процедурите за екстрадиција. Албанскиот Интерпол, во координација со надлежните македонски институции, продолжува со постапката за осомничениот да им биде предаден на македонските власти.
Засега не е потврдено дали уапсениот е еден од тројцата осомничени за убиството во зграда на улицата Прашка во Скопје, за кои претходно Обвинителството соопшти дека избегале во Косово.
.
Извор: plusinfo.mk